| четврток, 6 декември 2018 |

Годинашниот „Танц фест“ е во чест на Дејвид Боуви

Програмата ќе започне на шести април во Македонскиот народен театар со прослава на пет години од постоењето на Скопје танцовиот театар, единствената современа танцова компанија во Македонија, а вечерта ќе биде доделена и наградата „Менада“ за врвни остварувања во областа на танцот, на извонредниот уметник Милко Шпаремблек, кој своевремено меѓу другото бил дирекотр и на Метрополитен балетот во Њујорк

„Танц фест“ оваа година ќе се одржува од 6 до 29 април и ќе биде во чест на Дејвид Боуви, објави организаторот.

tanc fest

Фестивалот на современ танц ќе трае од 6 до 29 април и ќе се одвива во три града во Македонија: Скопје, Велес и Битола. Оваа година мотото е „Да танцуваме!“, „Биди поинков!!!“ (Let’s Dance! Be different!!!) во чест на Дејвид Боуви, првата голема музичка звезда која во далечната 1988 година го претстави современиот танц на сцена танцувајќи заедно со современата танцова компанија од Њујорк „Хјуман степс ла ла ла“.

Овогодинешната програма е најобемна досега, во која, покрај прославата на пет години постоење на Скопје танцовиот театар, публиката ќе има можност да проследи и гостувања на извонредни компании како што се Балетот на Државната опера и балет од Измир, Турција, Руалите – танцовата компанија од Париз, Франција, со Фокус на современиот танц во Франција, танцовата компанија АРА од Рига, Латвија, и „Бејжинг најн контемпорати денс компани“ од Пекинг, Кина.

Програмата ќе започне на 6 април во Македонскиот народен театар со прослава на пет години од постоењето на Скопје танцовиот театар, единствената современа танцова компанија во Македонија, а вечерта ќе биде доделена и наградата „Менада“ за врвни остварувања во областа на танцот, на извонредниот уметник Милко Шпаремблек, кој своевремено, меѓу другото, бил директор и на Балетот Метрополитен во Њујорк.

72d22188-423d-45ad-97c2-3eab62bbd4ae

За оваа пригода, Скопје танцовиот театар подготвува нова премиера со три различни кореографии и тоа: „Кој и да е“ на Андријана Андреева, „Најди некој…“ на Матеа Киселичка и „Тишината на пчелите“ во кореографија на гостинката од Холандија, Џоан ван дер Маст, на музика на Сара Замбони, италијанска композиторка, која компонираше нова музика за ова дело. Оваа претстава ќе се одржи на 9 април во Велес во Народниот театар и во Битола на 25 април, во Народниот театар во Битола.

Во рамките на таканаречената Отворена програма, Танцуваме со Виталија, ќе се одржат повеќе настани на отворено, како „Танцување на плоштад“ на 10 и на 17 април и „Парадата на танцот“ на 24 април.

На 7 април во МКЦ ќе се одржи програмата Отворен ден, со танцови студија од Македонија. Оваа програма е во духот на развој на комуникација и креативност кај најмладите, кои го практикуваат танцот, и поттикнување на експресијата и себеизразувањето. На Отворениот ден за првпат ќе се доделат наградите „Пеперутки“ во категориите: Најдобар настан, интерпретација, кореографија, сценски израз и костим. Во оваа програма ќе учествуваат студијата: „Балерина“, „Ребис“, „РИЦ“, „Битрикс кру од Скопје“, „Анабела“ од Велес, „Принцези“ од Кочани, и „Фјужн“ од Куманово.

Во „Парадата на танцот“, која ќе се одржи на 24 април, ќе учествуваат повеќе студија од цела Македонија – „Еурека“, „Ребис“, „РИЦ“, „Балерина“, „Битрикс кру“, „Ритам плус“ и „Вајб“ од Скопје, „Газели“ од Радовиш, „Бах“ од Струга, „Принцези“ од Кочани, „Анабела“ од Велес, „Фјужн“ од Куманово; се очекува неколкуилјадна публика да ја проследи на улиците на Скопје.

Парадата ќе биде круна на отворената програма „Танцуваме со Виталија“ која ќе се одржува на повеќе локации, посебно новиот настан „Танцување на плоштад“.

Државната опера и балетот од Измир, Турција, ќе настапи со извонредната претстава „Боите на танцот“, во короеграфија на познатиот Мехемд Балкан, на 11 април во Скопје и на 12 април во Велес. На 18 април настап ќе има „Компанијата Руалите“ од Париз во Скопје, на 19 во Велес. Компанијата АРА од Латвија ќе настапи на 17 април во МОБ.

Скопје танцовиот театар на 15 април ќе ја изведе втората премиера во рамките на фестивалот „Танц фест“, насловена „Волшебен свет“, која на 21 април ќе се изведе во Велес, а на 25 април во Битола.

На 14 април на сцената „Зебра“ ќе се одржи Хип-хоп танцовата лига на студиото „Битрикс кру“, во која ќе се претстават најдобрите хип-хоп танчари, избрани во процес на двомесечни натпревари.

Претставата „Транс ла вало“ на „Бејжинг најн контепорати денс компани“ од Пекинг, Кина, ќе се одржи на 23 април во МНТ.

Програмата ќе заврши на 29 април со прослава на Светскиот ден на танцот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top