Во Музејот на Македонскиот народен театар вечерва е отворена новата поставка „Исчекори кон Сонцето“ која концепциски претставува сеќавање на првата театарска сезона 1945/46 година.
Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска на отворањето на поставката рече дека со првата театарска сеозона на МНТ започна да се развива приказната за оваа институција, да се остварува сонот на доајените, да изградат свој сопствен македонски народен театар.
– Во оваа поставка се содржани исклучително вредни оргинални предмети кои интимно се поврзани со актерите, режисерите, сценографите, костимографите и другите театарски работници – основоположници на МНТ кои својот ентузијам, посветеност, својата љубов ја вложија во создавањето на првите десет претстави од сезоната 1945/46 година, истакна Канческа – Милевска.
Вредната колекција од околу 150 експонати изобилува со фотографии, архивски документи, лични предмети, театарски реквизити кои биле користени во создавањето на легендарните „Платон Кречет“, „Чорбаџи Теодос“, „Народен пратеник“, „Сомнително лице“ и другите претстави кои биле изведени во првата сезона.
Како посебно значајни, министерката за култура, ги издвои ѕидниот часовник-реквизита од првата претстава на МНТ „Платон Кречет“, како и оригиналниот костим на доајенот на македонското глумиште Петре Прличко во најдолго играната претстава во историјата на македонскиот театар „Сомнително лице“.
Изложени се и лични предмети на Петре Прличко кои ги подари неговата сопруга Нада, како двете лулиња, очилата и диктафонот, неговите документи-тетратки, неговите награди, како и честитките и писмата од неговата лична корасподенција со публиката.
Во изложбата се застапени и актерските прибелешки направени за време на подготвувањето на улогите меѓу кои и рачно пишуваната тетратка на истакнатиот македонски актер доајенот Илија Џувалековски за улогата на Поцко во претставата „Чорбаџи Теодос“, потоа сценографските и костимографските скици изработени од Томо Владимирски и Василије Поповиќ-Цицо, како и оригинални документи на Илија Милчин, Тодорка Кондова и многу други театарски работници кои ја одбележаа историјата на македонскиот театар.
Канческа – Милевска искажа задоволство што оваа изложба и целокупната уметничка збирка на Македонскиот народен театар од пред неколку дена е веќе достапна и во виртуелниот простор преку современиот концепциски проект „КЛИК МУЗЕЈ-КЛИК ТЕАТАР“ кој овозможува, сите посетители на веб страницата на оваа институција да остварат виртуелна музејска прошетка низ театарот, од самиот влез, па до најгорниот кат.
Пред присутните гости на отворањето на поставката, меѓу кои и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, директорот на МНТ Дејан Пројковски, програмскиот директор Тони Михајловски, авторите на музејската и виртуелната поставка Јасмина Намичева, Ивана Чарчевска и Михаил Намичев, како и бројни актери и други уметници, Канческа Милевска најави дека Владата и Министерството за култура и натаму ќе го промовираат Македонскиот народен театар на европската и светска театарска мапа, како двигател на новите професионални стандарди во областа на театрологијата, на новите форми на театарска едукација, како промотор на театарот како интерактивен „медиум на новото време“.
Таа изрази благодарност и до сите граѓани кои подарија или од кои се откупени експонати за оваа збирка која, како што нагласи, е голем придонес во сочувувањето на нашата колективна културна меморија.
Фото: Александар Ивановски (Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)