| четврток, 6 декември 2018 |

Втора трка и втора победа, Нико Розберг одлична ја почна новата сезона во Формула 1

Нико Розберг одлично ја стартува новата сезона во Формула 1 откако германскиот возач во втората трка ја забележа и втората победа, овојпат за Големата Награда на Бахреин. И повторно на Германецот не му пречеше што пол-позицијата ја имаше неговиот тимски колега Луис Хамилтон, кого успеа да го мине веќе на самиот старт, а потоа не му дозволи ниту за момент да се понадева дека би можел да стигне до триумф.

Самиот загревачки круг донесе големо изненадување откако Себастијан Фетел се соочи со проблеми, па мораше да го паркира болидот крај патеката, без да извози ниту еден круг во Бахреин. Следуваше и официјалниот старт, а со него и нови возбудливи моменти на патеката, Розберг го мина Хамилтон, а веднаш потоа Британецот се соочи со уште поголем проблем, имаше мал судир со Ботас по што падна на осмата позиција. Стјуардите го посочија Ботас како виновник за инцидентот и следеше казна, а Хамилтон успеа да се консолидира, по десетина круга стигнувајќи до третото место, зад Розберг и Раиконен.

Германскиот возач, кој лани го освои второто место во генералниот пласман, втора трка по ред знаеше како да го задржи првото место откако стигна до него, па до самиот крај возеше беспрекорно, забележувајќи ја и втората победа во низа од стартот на сезонава. Раиконен се задржа на второто место пред Луис Хамилтон, а зад светскиот шампион се најдоа Рикардо, Грожан, Верстапен, Маса, Квијат, Ботас и Вандорн, кој го возеше болидот на Мекларен на местото на повредениот Алонсо и освои еден бод на своето деби во Формула 1.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top