| четврток, 6 декември 2018 |

Новиот албум „Апсурдистан“ на „Дубиоза колектив“ од утре во продажба

Утре официјално излегува во продажба цеде-изданието од новиот албум на „Дубиоза колкектив“ насловен „Апсурдистан“, кој во Македонија е објавен под етикетата на „Пасворд продакшн“. Ова е седми студиски албум на босанскиот состав кој од 15 овој месец беше поставен и за бесплатно преземање од нивниот веб-сајт www.dubioza.org.

– „Апсурдистан“ е целосно генерички назив на дистопијска држава во која сѐ се граничи со апсурд. Нашето посттранзициско општество секој ден сѐ повеќе личи на монтипајтоновски скеч во кој логиката и здравиот разум не постојат ни во трагите. Територијата на „Апсурдистан“ е многу флексибилна и границите се шират и собираат пропоционално со присуството на количеството глупост. Албумот „Апсурдистан“, пак, е многу сличен на материјалот од кој е исткаена човековата глупост и се шири со неворојатна брзина и голта сè што ќе му се најде на патот“ – членовите на Дубоза Колкектив ја објаснуваат идејата за новиот албум.

Албумот е работен во студиото „Скирлибаба“ во Рајловци (во близина на Сараево) во периодот од септември 2012 година до февруари 2013 година. За снимањето, миксот и мастерингот беше одговорен диџејот и клавијатурист во групата Брано Јакубовиќ. Албумот содржи десет нови песни (и три ремикси меѓу кои и на Сињор Кулероу, попознат како Били Гулд, басист на „Феит ноу мор“ ), а меѓу нив и посветата „Сјечам се“ за прерано починатата панк-легенда Бранко Чрнац-Туста од „Куд идијоти’. Како гости на албумот се појавуваат Миле Кекин од „Хладно пиво“ и Др. Поп и Радуле од „Атеист рап“ токму во кавер верзијата на „Куд идијоти“, но и „Ла Плебе“ од Сан Франциско кои неколку пати ја посетија нашата држава.

За дизајнот беше одговорен басистот Ведран Мујагиќ. „На насловната страница на албумот се наоѓа грбот на „Асурдистан“ кој ја симбилозира идеолошката каша која служи како темел за општествено-политичкото уредување на државата, комбиниран со елементи кои на сликовит начин ги претставуваат жителите на „Апсурдистан“ и нивните навики, убедувања и системски вредности, велат ДК за обвивката на албумот.

Дубиоза паралелно со пуштањето на „Апсурдистан“ воведе и мобилна апликација која, исто така, ќе може слободно да се преземе. Апликацијата ќе биде достапна во верзија за оперативните системи „андроид“ и ИОС и ќе им овозможи на сите мобилни уреди од прва рака да добијат информации за групата, концертните активности и да ги преземат или преслушуваат песните од „Апсурдистан“. Корисниците ќе можат да добијат бонус мултимедијални содржини кои ќе бидат достапни исклучително преку апликацијата.

Цеде-изданието од албумот „Апсурдистан“ на „Дубиоза колектив“ во Македонија ќе може да го набавите во сите доброснабдени музички продавници, по цена од 350 денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top