Првиот натпревар од четврфиналето на Лигата на шампионите во женска конкуренција приреди вистинско уживање за љубителите на ракометот во нашата држава.
Во СЦ „Јане Сандански“ ЖРК Вардар уште сега може да се каже дека се пласираше на завршниот турнир во Будимпешта трета година по ред.
На патот до таму стои норвешкиот шампион Ларвик кој буквално беше демолиран со 14 разлика (34-20)
„Црвено-црните“ го одиграа најдобриот натпревар откако започна проектот за европски Вардар. Некои ракометарки можеби ги одиграа и нивните натпревари на кариерата.
Тоа што го постави како задача тренерскиот тандем Кастратовиќ – Камара беше одиграно во целост во текот на сите 60 минути.
Комплетната екипа на Вардар е заслужна за огромната предност пред реваншот за седум дена во Норвешка кој ќе биде само обична формалност.
Носени на крилата на извонредната Амандин Лејно која успеа да фати дури 19 топки упатени на нејзиниот гол, во нападот беспрекорно функционираа Пенезиќ, Лекиќ, Радичевиќ, Алтхаус, Дембеле, Лазовиќ…
Девојките најавија вистинско торпедирање на противникот уште по првите 17 минути кога веќе имаа и двоцифрена предност (11-1)!
Остатокот од мечот беше само обична формалност бидејќи расположените вардарки покажаа игра од која може слободно да се заклучи дека се најсериозна екипа за освојување на европскиот трон.
Најефикасна ракометарка во составот на Вардар беше Андреа Пенезиќ со осум гола, а одлична партија одиграа и Јованка Радичевиќ и Барбара Лазовиќ со пет гола.
Кај екипата на Ларвик очекувано Нора Морк беше најефиканса со шест гола.
Реванш дуелот од четврфиналето Вардар ќе го одигра на гостински терен за седум дена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.