Секој од германските репрезентативци ќе заработи по 300.000 евра доколку оваа репрезентација ги обедини фудбалските круни, па по светската титула летово стане и европски шампион на првенството што ќе се одржи во Франција. Претставници на националниот тим преговараа со челниците на федерацијата на оваа тема, за на крајот да бидат договорени високи премии за актуелните светски шампиони, како мотивација во походот по европската круна.
– Презадоволен сум што оваа тема е затворена на повеќе од два месеци до стартот на шампионатот, па сега ќе можеме максимално да се фокусираме на подготовките, а потоа и на самите натпревари – изјави директорот на германската репрезентација, Оливер Бироф, кој го постигна „златниот гол“ со кој Германија стигна до последната европска титула, на ЕВРО 96 во Англија.
Премиите за златниот медал се идентични како и на последното Светско Првенство, СП 2014 во Бразил, на кое Германија стигна до трофејот. Избраниците на Јоаким Лев ќе заработат по 50.000 евра доколку стигнат до четвртфиналето, 100.000 евра е премијата за влез во полуфиналето, а доколку играат во финалето, а таму претрпат пораз германските фудбалери ќе добијат по 150.000 евра од својата федерација.
Германскиот национален тим е дел од групата Ц заедно со репрезентациите на Полска, Украина и на Северна Ирска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.