Викендов во МОБ ќе бидат изведени балетската претставата за деца „Доктор Офболи“ и детската оперска претстава „Мала волшебна флејта“.
Македонската oпера и балет во сабота, 2 април, со почеток во 12 часот ќе ја одржи, балетската претставата за деца „Доктор Офболи“.
Една од најгледаните детски балетски претстави и по тој повод добитничка на „Златна Буба Мара“ за 2013 г. Тоа е класична сказна за вечната борба помеѓу доброто и злото, во која на крајот, се разбира дека ќе победи доброто. Изобилува со прекрасна музика, костими и сценографски елементи и децата ја следат со воодушевување. Кореографијата за оваа претстава на сцената на МОБ ја пренесе прославениот балет мајстор од Русија, Михаил Крапивин.
Македонската опера и балет продолжува со практиката за музичка едукација на најмладата популација. Во недела, 3 април, со почеток во 12 часот, ќе биде изведена детската оперска претстава „Мала волшебна флејта“.
Претставата е адаптација за деца на популарната опера „Волшебната флејта“ од Волфганг Амадеус Моцарт. Во нејзе, преку убавата музика на Моцарт, децата ќе имаат можност да дознаат одговори на неколку прашања: Дали Сарастро е навистина лош (злобен) волшебник? Што работи Папагено, кој ја уби змијата и зошто тој лаже? Зошто Кралицата на Ноќта му ја ветува за жена нејзината ќерка Памина на Тамино и што бара од него, за возврат? Што добиваат Тамино и Папагено, од Памина и Папагена и што на крајот победува?
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.