| четврток, 6 декември 2018 |

ДЗЛП: ДИК да ги повлече избирачкиот список и списокот за теренска проверка

izbiracki spisokДирекцијата за заштита на личните податоци по службена должност изврши вонреден инспекциски надзор во Државната изборна комисија по однос на објавувањето на личните податоци од Избирачкиот список на нејзината веб-страница.

Заради итноста на наведените состојби беа издадени две привремени решенија.

Со едното од решенијата се забранува Државната изборна комисија да обезбедува електронски пристап до личните податоците во Избирачкиот список објавен на веб-страницата https://izbirackispisok.gov.mk/, на начин што не е во согласност со прописите за заштита на личните податоци.

Државната изборна комисија е задолжена да преземе мерки при пребарување во избирачкиот список објавен на веб-страницата:

 – преку одредена општина да не се прикажуваат личните податоци на сите избирачи во таа општина;

– преку одредена адреса да не се прикажуваат личните податоци на сите избирачи на таа адреса;

– преку одредено име и презиме да не се прикажуваат личните податоци на сите лица кои го имаат тоа име и презиме.

Во привременото решение е утврдено дека објавувањето и електронскиот пристап до личните податоци во избирачкиот список преку веб-страницата на Државната изборна комисија од страна на неодреден број лица не е правично и во согласност со закон и е извршено на начин што не е во согласност со конкретна и јасна законски утврдена цел, спротивно на член 31 став 2 точка 28-в и 28-г од Изборниот законик и член 5 став 1 и став 4 од Законот за заштита на личните податоци.

Имено Изборниот законик во членот 55 став 1 предвидува дека личните податоци содржани во Избирачкиот список се заштитени во согласност со закон и не смеат да се употребуваат за ниедна друга цел, освен за остварување на избирачкото право на граѓаните. Но, со овозможувањето на електронски пристап до името и презимето и адресата на сите избирачи преку интернет за неодреден период, постои ризик личните податоци да бидат употребени и за други цели.

Во другото привремено решение ѝ се забранува на Државната изборна комисија да објавува на својата веб страна лични податоци на физички лица (име и презиме, пол, адреса, место и општина, датум на раѓање, податок за иселени лица и број на гласачко место) содржани во Списокот на неконзистентни записи-предмет на теренски проверки, бидејќи Државната изборна комисија нема правен основ  да врши обработка преку објавување на лични податоци на физички лица, кои ќе бидат утврдени како неконзистентни записи и ќе бидат предмет на теренски проверки.

Имено, објавувањето и овозможувањето на електронски пристап на Списокот на неконзистентни записи-предмет на теренски проверки кој содржи 89 384 записи со лични податоци на физички лица каде што пристап и можност за преземање имаат неодреден број лица, не е правично и не е во согласност со Изборниот законик и Законот за заштита на личните податоци.

Привремените решенија се издадени со цел да се спречи понатамошна повреда на правата на субјектите на лични податоци и нанесување на евентуални штетни последици до донесувањето на решенијата.

Пред иницирањето на вонредните надзори, Дирекцијата за заштита на личните податоци во повеќе наврати одржа состаноци со  Државната изборна комисија и достави мислење и укажување во врска со објавувањето на лични податоци од избирачкиот список на веб страната на  Државната изборна комисија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top