Македонскиот женски ракометен шампион, екипата на Вардар, в сабота на домашен терен ќе го одигра првиот четврфинален меч од Лигата на шампионите против норвешката екипа Ларвик, во кој вардаровите ракометарки посакуваат голема поддршка од трибините, бидејќи со помош на навивачите ќе биде многу полесно да дојдат до резултат кој би донел помирен реванш.
Индира Кастратовиќ, предводникот на црвено-црниот тим, ги знае сите предности и мани на противникот и верува дека нејзините избранички ќе знаат да го пронајдат патот до успехот.
– Публиката на овој меч ќе биде клуч за нашиот успех и за добар резултат, нормално заедно со играчите и со стручен штаб. Сите посакуваме да ја завршиме сезоната со радост. Добро го знаеме Ларвик, го следиме, а и игравме со нив. Тие се екипа која не ги интересира каде играат, а може да кажам дека се дури и подобри на гостински терен. Мораме максимално да се подготвиме на сите ситуации. Држат високо темпо во сите 60 минути, но сме играле со такви екипи и знаеме дека мора да дадеме сѐ од себе. Имаме играчи и квалитет да одговориме на идентичен начин. Ларвик вчера победи, а најнова информација е дека Ања Один нема да биде дел од противничкиот тим на задутрешниот меч – изјави Кастратовиќ на денешната прес-конференција.
Шефот на стручниот штаб верува дека добрата одбрана ќе биде исклучително важна и дека нашата агресивност ќе го натера противникот да игра побрзо, а со тоа и повеќе да греши.
– Се подготвуваме за Нора Морк, имаме посебна тактика за неа. Гледаме, анализираме, но ништо нема да откриваме. Во денешно време дека многу не значи дали играш дома или на гости, едноставно треба да си подготвен и да одиграш добро во сите 120 минути .Тој што ќе има повеќе замени ќе биде предност, а мислам дека сме тоа ние. Ларвик има страшно брз контранапад, но немаат трпение. Нашата одбрана, тоа што го покажуваме четири-пет меча, може да ни донесе добар резултат. Скандинавците не саакаат груба игра и ако играме по агресивно тие ќе одговорат со побрза игра и со повеќе грешки – дополни Катастровиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.