| четврток, 6 декември 2018 |

ДИК: Теренската проверка ќе заврши до 3 април без проблеми

Работата на терен тече солидно, граѓаните соработуваат, и освен ситни технички проблеми нема други компликации. Вака Државната изборна комисија го оцени вчерашниот прв ден на теренска проверка на 89.383 граѓани за кои како што оценија „постојат неконзистентни записи“. Оттаму за „Дневник“ оценуваат дека се очекува најдоцна до 3 април да се заврши теренската проверка, а ако е неопходно, ќе ангажираат уште анкетари, објави весникот „Дневник“.

– Во моментот на терен се 488 анкетари, 114 повеќе од првично планираните 374 во сите 80 општини во земјава. Првичните беа регрутирани од тимовите што и досега имале искуства за правење попис на населението, а другите се државни службеници определени од Министерството за информатичко општество и администрација, а ако се појави потреба во интерес на ефикасното завршување на обврските, ќе ангажираме дополнително – објаснуваат од ДИK.

Во анкетарските тимови освен Македонци има претставници од сите други етнички заедници во земјава, а нивните обврски на терен ќе бидат секојдневни од 8.30 до 19 часот. Засега Kомисија не излегува со конкретни бројки на колку од спорните гласачи им тропнала на врата првиот ден.

– Нема проблеми, граѓаните соработуваат, а освен ситни технички проблеми, од типот да снема бензин во возило на терен или слично, крупни ситуации не се регистрирани. Постојано сме во комуникација со тимовите и засега ова се информациите – појаснуваат од ДИK.

Што се однесува до спорните 124 илјади гласачи на привремена работа или престој во странство, претседателот Александар Чичаковски викендов изјави само дека Kомисијата дополнително ќе се консултира како да се постапува во однос на овие граѓани. На седница минатата недела со седум гласа „за“ и ниту еден „против“ беше изгласано дека овие гласачи не се сомнителни, оти поседуваат важечки документи, но не се појавуваат во ниту една база на податоци. ДИK вчера одржа седница на која се дискутираше дали гласачите што се предмет на теренска проверка да бидат достапни на интернет-страницата на Kомисијата, како би се овозможило и самите да имаат увид и да реагираат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top