Првиот голман на бугарската фудбалска репрезентација Владислав Стојанов на утрешниот натпревар против Македонија што се игра од 19 часот на арената „Филип Втори“ ќе остане на клупата за резервни играчи.
Стојанов брилјираше против Португалците, успеа да ја сочува мрежата празна по канонадата од Кристијано Роналдо и другарите, а успеа дури и да му одбрани пенал на најдобриот португалски фудбалер за да ги круниса бравурозните 90 минути и на крај да го добие прекарот „Спајдрмен“.
Како што најавуваат бугарските медиуми, Стојанов за дуелот во Скопје ќе добие одмор од селекторот Ивајло Петев, па на голот ќе биде Божидар Митрев, што е шанса за македонските напаѓачи по 180 минути пост да ја затресат мрежата, откако на последните два меча, Македонија не успеа да постигне гол. Во ноември во Скопје, Либан победи со 1-0, а пред пет дена во Копер, Македонија загуби со идентичен резултат од Словенија.
Бугарските фудбалери попладнево треба да пристигнат во Скопје, откако утринава тргнаа со автобус за утрешната пресметка со Македонија. Фудбалерите на источкиот сосед вечерва од 19 часот, во терминот на одигрување на мечот, ќе го имаат својот тренинг пред дуелот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.