| четврток, 6 декември 2018 |

Од 1 јуни електронски рецепт во здравството

Nikola-Todorov

Лекарските рецепти заминуваат во историјата. Од први јуни лекови во аптека ќе се земаат по електронски пат. Матичните лекари ќе ја пропишуваат терапијата на компјутер. Пациентите не мора да имаат електронска здравствена картичка, лековите може да ги земат и со кажување на матичиот број или на бројот на здравственото осигурување.

– Потполно истата легислатива и истите правила кои важеа претходно важат и сега. Ова е само замена за хартиениот со електронски рецепт. Добиваме многу помалку документација и добиваме многу точна евиденција за тоа што се случува во здравствениот систем. Можеме да ја следиме работата на матичните лекари во поглед на издавањето на лекови, но и целосната слика за издавањето на лекови во државата – рече министерот за здравство, Никола Тодоров.

Не само државата, увид во системот ќе имаат и матичните лекари. Тие во секое време ќе може да проверат дали пациентот ја земал пропишаната терапија.

– Досега лекарот немал евиденција дали пациентот го подигнал лекот или не – додаде Тодоров.

Неколку месеци ќе има период на адаптација. Ќе важат и хартиените рецепти. Пилот-проектот ќе стартува кон средината на мај во цела Македонија. Електронскиот рецепт е дел од интегрираниот здравствен информатички систем. Следно ќе биде виртуелен магацин на лекови. За една година, според најавите на Министерството, здравството ќе биде целосно електронско.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top