| четврток, 6 декември 2018 |

Субвенции за Наум, Ристо Вртев, Пере „Нокаут“…

naum petreski

Фолк-пејачите Наум Петрески и Перо Христов, и рокерот Ристо Вртев ќе добијат по 9 000 евра , секој за по две песни. Тие се избрани во категоријата ѕвезди, на конкурсот за подршка на домашната музичка продукција, кој на секои три месеци го распишува Министерството за култура.

Во највисоката категорија ѕвезди субвенции доби и музичарот Горазд Чаповски, кој добива субвенции по вторпат. Тој за песната “Јад”, чиј комплетен автор е, ќе земе 4.500 евра. Наум Петрески неколкупати конкурираше во категоријата ѕвезди, и неколкупати беше одбиен.  Ваква одлука овој пат донела комисијата составена од музичарите Ристо Апостолов (претседател), Роберт Саздов, кој е претходно субвенциониран во категоријата ѕвезди, Васка Наумова – Томова, Лилјана Автовска, Симеон Иванов – Канго и Маја Вукичевиќ.

За субвенции во оваа категорија конкурирале Кокан Димушевски, Марко Маринковиќ – Слаткаристика и Кристијан Габровски во областа на забавната музика, а Миле Кузмановски во народната музика. Тие се одбиени.

pere

Во категоријата врвен изведувач, по 3 000 евра за песна ќе добијат Никола Перевски – Пере од “Нокаут”, Александар Ристовски – Принц за две песни во забавната музика. Елена Георгиева добива 6 000 евра за две песни, а Мишко Крстевски и Катерина Танева за по една.

Фолкерката Ирена Спасовска спаѓа во категоријата истакнат изведувач, која се вреднува според бројот на настапи, издадени песни и албуми, и ќе добие сума од 3 000 евра за една песна.

Бојан Стојков ќе добие иста сума за песна која ја испратил во категоријата композиции со кои се афирмира историјата на Македонија. Сузана Спасовска и Влатко Илиевски со две песни се меѓу одбиените во истата категорија.

sara-mejs

Сара Мејс и Душко Георгиевски се меѓу одбиените во категоријата афирмиран изведувач, а добитник на 3 000 евра во истата е фолк-пејачката Анета Цветковска – Малинкова.

Седум песни се избрани во категоријата детски композиции, а за секоја од нив авторите добиваат по 400 евра. Меѓу нив е Иван Јованов, братот на Јован Јованов.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top