| четврток, 6 декември 2018 |

Исчистете го домот од токсини со собни растенија

цвеќе

Проблемот со лошиот квалитет на воздухот што го вдишуваме не се однесува само на оној воздух кој е загаден со издувните гасови од автомобилите или пак со индустриските гасови. Би требало да се погрижиме и за почистиот и поздрав воздух во нашите домови. За таа цел не ни е потребен никаков апарат, доволно е само да набавиме собно растение кое се храни со токсините. Истовремено ќе го разубавите вашиот работен и животен простор, а воздухот ќе стане поквалитетен. Уште во 80-тите години од минатиот век НАСА го составила списокот на растенија кои го филтрираат воздухот, а некои од нив се користеле и во вселенските станици.

Студените денови не присилуваат почесто да престојуваме во затворен простор и притоа да бидеме изложени на разни отрови од средствата за чистење, боите и лаковите. Тие и во помали количества предизвикуваат здравствени потешкотии (алергии, астма, отежнато дишење, главоболки, иритации на очите) со што ни го загрозуваат квалитетот на животот. Тука се и штетните зрачења од телевизорите и компјутерските монитори со кои сме опкружени и дома и на работа.

Ги издвојуваме најпознатите растенија кои успешно ги отстрануваат разните токсини од воздухот.

Сансевериа, односно сабја, или свекрвин јазик, како што уште се нарекува ова растение со долгнавести и месести листови, од воздухот го прочистува бензенот, формалдехидот и трихлоретиленот. Ова растение не бара посебно одржување, добро ги поднесува сонцето и сенката, а без страв може да го ставите и во близина на радијаторите, бидејќи не сака многу влага.

Ѓаволски бршлен или популарниот ползавец кој краси многу домови, го филтрира воздухот од бензен и формалдехид кои се присутни во чадот од цигарите. Се верува дека ѓаволскиот бршлен носи среќа. Не им треба многу светлина, но треба почесто да се полеваат со вода. Листовите му се отровни, па растението треба да се држи подалеку од мали деца и домашните миленичиња.

avasflowers-spathiphyllum-in-a-basket_max

Спатифилум е собно растение познато по своите убави и бели цветови, истовремено познато и по тоа што се храни со штетното зрачење, па е идеално да се постави до ТВ-екраните или компјутерските монитори. Притоа, исто како и сансеверијата апсорбира бензен, формалдехид и трихлоретилен, но и амонијак кој е често присутен во средствата за чистење. Го апсорбира и ксиленот и толуенот кои и во исклучително мали количества можат да предизвикаат мачнина и замор. Сокот од ова растение во допир со кожа предизвикува иритација, а доколку се проголтаат делови од растението, тоа ќе предизвика болки во желудникот. Затоа треба да се внимава доколку имате мали дечиња или домашни миленичиња.

бамбус палмаБамбус палма е тропско растение и едно од најдобрите зелени прочистувачи на воздухот. Совршено го филтрира формалдехидот, трихлоретиленот, ксиленот и толуенот. Иако е потребно да му се обезбеди доволно светлина, никако не смеете да го сместите директно на сонце. Погодна е за оние што ги сакаат мачките, бидејќи нејзините листови се безопасни за овие животни. Ова атрактивно растение донесува призрак на лето во домот, создавајќи така потопла атмосфера дури и во најладните зимски денови.

Гербер е цвет со прекрасни бои кој ќе ви го разубави просторот, но и ќе го исчисти од азот, бензен и формалдехид. Добро ги впива и штетните соединенија кои се наоѓаат во чадот од цигарата. Постојат околу 100 разни видови гербери, но најчесто се со жолта, розова, црвена, портокалова и бела боја. Не му е потребна голема нега, сака сончеви места и може да поднесе големи жештини, само треба доволно да се полева.

Бршлен е ползавец кој обично расте околу куќата, но може да се чува и како собно растение, па со своите срцевидни листови создава убава декорација во просторот. Покрај тоа што е лековит, бршленот ќе го исчисти нашиот дом од бензен, формалдехид, ксилен и толуен.

Драцена е тропско растение по потекло од Мадагаскар и филтрира многу токсини, вклучувајќи го и формалдехидот. Убав украс е на секој дом, а може да израсне и до 3 метри. Треба да се избегнува директна светлина, провев и студ.

Алое вера е совршена “ждерачка” на разни штетни соединенија од воздухот, вклучувајќи и зрачење од ТВ-екраните и компјутерските монитори. Освен тоа, можеме да ја искористиме и за лекување на изгореници и за изработка на разни подготовки за кожа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top