| четврток, 6 декември 2018 |

Гонзалес: Следува второто полувреме, нема да ги разочараме нашите навивачи (видео)

Ракометарите на Вардар се подготвени за предизвикот што го носи реванш дуелот од осминафиналето во Лигата на шампионите против Висла Плоцк. „Црвено-црните“ за разлика од лани, годинава влегуваат во реванш натпреварот без негатива, по ремито од 30-30 на првиот меч во Полска, а добрата игра на таа средба дава оптимизам дека и сезонава пласманот во четвртфиналето од ЛШ ќе се обезбеди со елиминација на полскиот вицешампион.

stole stoilov

– Дуелот со Висла е најважен за нас годинава. Имавме резултат до финишот од првата средба и разочарани сме што не победивме, но во Скопје ќе одиграме уште подобро. Знаеме дека ќе биде тешко, иако имаме предност од првиот дел, тој поволен резултат многу лесно би паднал во вода. Публиката во Скопје секогаш ни дава мотив повеќе, се надевам дека нема да ја разочараме, туку на крајот повторно заедно ќе славиме – истакна Стојанче Стоилов.

Сличен е ставот и на тренерот Раул Гонзалез, кој предупредува дека противникот воопшто не е наивен состав, кој знае да прикаже добри игри и на гостински терен сезонава.

raul gonzales

– В сабота го играме второто полувреме од двомечот со Висла. Првиот натпревар беше тесен, испуштивме предност од четири гола во самиот крај, но сега играме во Скопје, бодрени од нашите верни навивачи. Имаме голема шанса за четвртфинале бидејќи не бркаме негатива, но таа шанса мора да ја искористиме со добра игра на теренот. Нема да ни биде лесно бидејќи Висла има квалитетни играчи во своите редови, опасни се на гостински терен и сезонава веќе одиграа одлично на гостувањата против Веспрем и Кил. Овој натпревар за нас е како финале, бидејќи ако загубиме тоа ќе биде наш последен европски меч сезонава. Се соочуваме со притисок, но немаме друг избор освен да победиме и да се пласираме во четвртфиналето – изјави тренерот Раул Гонзалез.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top