| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ продолжува да игра улога на портпарол и адвокат на СЈО и Катица Јанева

СДСМ и понатаму продолжува да игра улога на портпарол и адвокат на Специјалното јавно обвинителство и госпоѓата Катица Јанева, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Во продолжение го пренесуваме интегралниот текст од реакцијата на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нималку не е изненадена што пратениците од СДСМ продолжуваат и дополнително ја охрабруваат госпоѓата Јанева да продолжи со непочитувањето на својата законска и уставна обврска, да продолжи со газењето на Уставот на Република Македонија, со игнорирањето на законодавниот дом и пратениците, со омаловажувањето на институцијата Претседател на Република Македонија, како и со непризнавањето на Уставниот суд и ред други државни институции.

СДСМ повторно на дело ги покажува своите двојни аршини.

Имено, тие во јавноста постојано се претставуваат како борци за демократски вредности, транспарентност и одговорност пред македонските граѓани, а од друга страна го оправдуваат непојавувањето на госпоѓата Катица Јанева во Собранието на Република Македонија со што попречуваат пратениците и целата македонска јавност да дознаат што и како работи Специјалното јавно обвинителство и госпоѓата Катица Јанева.

Очигледно, ваквата состојба  им одговара само на СДСМ и на госпоѓата Катица Јанева.

Што сакаат да сокријат од македонската јавност?

Ги потсетуваме пратениците од СДСМ дека во Собранието на Република Македонија треба и мора да се борат за интересите на македонските граѓани кои што ги избрале, а не да ги бранат интересите и делегитимирањето на институциите од страна на госпоѓата Катица Јанева.

Како Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш ја повикуваме госпоѓата Јанева да се извини на целокупната македонска јавност за скандалозната изјава и истовремено повторно упатуваме јавна покана до госпоѓата Катица Јанева да ја испочитува својата законска и уставна одговорност и да дојде во Собранието на Република Македонија да даде одговори за своето работење пред пратениците и јавноста.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top