| четврток, 6 декември 2018 |

ИД има обучено меѓу 400 и 600 борци за бомбашки напади низ Европа

ид

Терористичката група „Исламска држава“ има подготвено меѓу 400 и 600 борци да извршат терористички напади во Европа, слични на тие во Белгија и во Франција.

Според извори на „Асошиетед прес“, во ИД се обучени минимум 400 борци, за да остварат серија смртоносни напади во Европа, а, исто така, и за да создадат меѓусебно поврзани терористички ќелии слични на тие со чијашто помош беа извршени нападите во Брисел и во Париз. На екстремистите им биле дадени наредби да го изберат времето и методите за вршење на нападите, за да има колку што е можно повеќе жртви.

Повикувајќи се на претставници на европските и на ирачките разузнавачки служби, АП забележува дека ИД има кампови во Сирија, Ирак и во земјите од поранешниот советски блок. Во нив борците се подготвуваат за напади против Западот.

Еден од соработниците на службите за безбедност во ЕУ за АП изјави дека на раководните позиции во голем број такви ќелии се лица што зборуваат француски, со врски во Северна Африка, Франција и во Белгија. Тие се одговорни за развој на стратегијата на спроведување на атентатите во Европа. Лицата што влегуваат во овие терористички мрежи, според него, се обучувани на тактика за водење на борбени дејства, ракување со експлозиви, техники на следење и извлекување од следење.

Разликата со ситуацијата од 2014 година е во тоа што некои од овие борци тогаш биле обучувани само неколку недели, вели изворот.

– Сега ситуацијата е променета. Се создаваат специјални единици, кои се тренираат подолго. Имаат задача не само да убиваат колку што е можно повеќе луѓе, туку и да извршат многу терористички операции – ­ изјави соработникот на службите за безбедност во ЕУ. Така, според него, властите се принудени да трошат повеќе средства и човечки ресурси за да им се спротивстават на атентаторите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top