Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска телефонски разговараше со германската канцеларка, при што разменија мислења околу последните случувања и состојби со мигрантската и бегалската криза по одлуката за затворање на Балканскиот коридор.
Иванов ја информирал Меркел за инцидентот што се случи на 14ти овој месец на јужната гранична линија и обидот за влез на неконтролиран број мигранти и странски државјани на територијата на Република Македонија. Двајцата соговорници го осудија инцидентот, при што канцеларката Меркел изрази поддршка на борбата против илегална миграција и се согласи дека мигрантите и бегалците мора да го напуштат импровизираниот камп во Идомени. Во тој контекст, Меркел истакна дека мора да престанат обидите за илегално минување на границата, како и поттикнувањето на илегалната миграција, соопшти кабинетот на претседателот Иванов.
Тој ја информирал Меркел дека македонските безбедносни сили спровеле навремена, успешна и одговорна реакција без употреба на сила и побарал итен прекин на практиката на носење дополнителен број мигранти кои би поставувале кампови на самата гранична линија на Република Македонија.
Македонскиот претседател во разговорот истакнал дека Република Македонија доследно ќе ја почитува одлуката за затворање на Балканскиот коридор за илегални премини и дека македонските безбедносни институции и во иднина ќе продолжат одговорно и професионално да се справуваат со бегалската криза, притоа имајќи ја предвид обврската за хуман третман на бегалците. Додал дека Република Македонија и понатаму ќе ги презема сите мерки и активности за да превенира евентуални повторни обиди за илегален влез.
Иванов повторно упатил покана до Германската федерална гранична полиција да биде дел од полицискиот контингент на ЕУ на јужната и северната граница на Македонија. Со цел успешно справување со заканите од илегална миграција, претседателот Иванов го реафирмираше барањето за поголема политичка поддршка од ЕУ, за поголема логистичка помош од Европската комисија, како и барањето на опрема за заштита на границата и за регистрација на мигранти.
Воедно, македонскиот претседател ја истакна потребата одзголемување на заедничката соработка меѓу разузнавачките служби за заканите и ризиците, преку дозволен пристап на земјите кои се дел од транзитниот коридор до збирките на податоци на телата на Унијата, се вели во соопштението од претседателскиот кабинет.
Во разговорите биле разменети мислења околу можните решенија за мигрантите и бегалците кои во моментов се затекнати на територијата на Република Македонија и другите земји од Балканскиот коридор, како и за можностите за воспоставување на механизам за легална миграција помеѓу Европската унија и земјите од Западен Балкан. Во телефонскиот разговор соговорниците го поздравиле и договорот меѓу ЕУ и Турција и изразиле надеж дека истиот ќе биде доследно спроведен и ќе даде позитивни резултати во справување со мигрантската криза.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.