Тринаесет модни ревии, презентации на нови марки и забава под маски се само дел од програмата на тринаесеттиот Моден викенд Скопје кој ќе се одржува од први до четврти април под мотото „Да живеат осумдесеттите!“
Ревискиот дел кој ќе се одржува од 1 до 3 април во салонот „Порше Македонија“ ќе го отвори дизајнерката Росица Мршиќ со колекција инспирирана од женските ликови од портретите на сликарот Амадео Модилјани. Истата вечер на први април, ревии ќе имаат и дизајнерките Олгица Ѓоргиева со парчиња облека кои ги следат светските модни трендови споени со нејзиниот веќе познат стил и Силвија Михајловска (модно ателје Алшар) поддржана од „Скопско“.
Колекцијата на Михајловска наречена „Сакура (ин) фјужн“ („Sakura (In)Fusion“) ќе биде надополнета со рачно изработен накит инспириран од колецијата, а дизајниран од Елена Ристовска. Веднаш по ревиите во „Порше Македонија“ ќе следува и забава под маски со музички хитови од осумдесеттите.
Вториот ден ќе започне со групна ревија на студентите од Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет на РМ, на тема „Шари и текстури“. За прв пат на настанот ќе се претстави дизајнерката Тијана Младеновиќ од Србија, која доаѓа преку соработката на Моден викенд Скопје со српската модна организација „БАФЕ“.
Следуваат ревиите на модната куќа „Линеа“ и брендот „Елези Париз“ чии креации ги потпишува дизајнерката Флора Елези од Париз. Елези, која има македонско потекло, дипломирала на престижниот универзитет Сорбона. За крај на втората вечер ќе ја видиме колекцијата на Ирина Тошева поддржана од „Мај:тајм“ (My:Time“) и Министерството за култура на РМ.
Колекцијата што Тошева ја изработи во соработка со архитектот Никола Кунгуловски, ја екстрахира геометријата на највпечатливите везови од минатите столетија.
Последниот ревиски дел ќе го отвори групна модна ревија на косовските дизајнерки Флутура Дедиња и Јилка Брада која пред македонската публика ќе се претстави за прв пат. Најновата колекција на „ЈЗЈ бај Златко Јовановски“ („JZJ by Zlatko Jovanovski“) која го носи името „ЈЗЈ кингдом“ („JZJ’S Kingdom“) веднаш по ревијата ќе биде пратена во Лондон каде што креациите ќе бидат достапни во салон од кој најчесто креации изнајмуваат ВИП-личности.
Третиот ден ќе ја видиме и „Бохо шик“ („Bocho Chic“) колекцијата на дизајнерот Никола Петровски со која годинава одбележува 20 години од својата прва ревија – поддржана од „Промедика естетик“ и ревијата на „СИГМА џулeри“ („SIGMA Jewelry“) кои се познати по уникатниот накит. Тридневното ревиско случување ќе го затвори познатата дизајнерка Лидија Георгиева.
Последниот ден на Моден викенд Скопје, 4 април, е резервиран за отворањето на новото ателје на дизајнерката Мила Кадриу.
Во фоајето на „Порше Македонија“ ќе бидат изложени и моделите на „Фарина хендмеид“(„Farina’s handmade“), „Фешн енд френдс“ („Fashion&Friends“) кои ќе презентираат инсталација наречена „Фешн хербариум“ („Fashion Herbarium“) во која впечатливите парчиња од тексас и модните додатоци се прикажани во форма на моден хербариум испреплетени со природни елементи – дрво, зеленило и цветови.
Јагода Пачемска од арт-студиото за цвеќе „Фа-Бу“ ќе претстави ексклузивен фустан изработен од свежо цвеќе.
„Пакомак“ и Моден викенд ја продолжуваат грижата за природата, па така и овој пат сите печатени материјали ќе бидат на рециклирана хартија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.