| четврток, 6 декември 2018 |

Русија уште пред шест месеци барала од ФБИ да го истражи бостонскиот бомбаш

dzhokar-tsarnaev-3-horizontal-gallery

Руската државна безбедност уште во декември минатата година од американското Федерално истражно биро (ФБИ) побарала да го истражи 26-годишниот Тамберлан Царнаев, еден од двајцата браќа бостонски бомбаши, бидејќи се сомневале дека е поврзан со терористичка група од Дагестан, чиј лидер се наоѓал на неколку снимки со Царнаев на „Јутјуб“, пишува лондонски „Дејли мејл“.

На каналот на „Јутјуб“, за кој се претпоставува дека му припаѓал на Царнаев, биле пронајдени две видеоснимки означени како „терористи“, снимени пред само неколку месеци. Видеата се означени со „Амир Абу Дујана“, што е и прекарот на познатиот дагестански терорист Гаџимурад Долгаков.

ФБИ во моментов го истражува споменатиот канал на „Јутјуб“ и проверува дали Царнаев имал каква било врска со Долгаков, кој бил убиен во престрелка со руската државна безбедност во декември 2012 година.

Најновите информации сериозно ја доведуваат во прашање работата на американските разузнавачки служби, кои претходно не испитале бројни сугестии дека браќата Царнаев се поврзани со терористички организации. Полициски функционер од Дагестан потврдил дека руската ФСБ контактирала со ФБИ и испратила копија од досието на постариот Царнаев, барајќи информации за неговиот престој во САД.

Од ФБИ никогаш не им одговориле.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top