Македонската опера и балет в петок, 25 март, премиерно ќе ја изведе операта во три чина „Турандот“ од Џакомо Пучини. Таа е една од најпопуларните опери на италијанскиот композитор, која МОБ ја обновува по 14 години од првата изведба во Македонија, со нова авторска и солистичка екипа. Режисер, сценограф и костимограф на операта е Италијанецот Џанкарло дел Монако, диригент е неговиот сонародник Џанлука Мартиненги, а насловната улога ќе ја игра сопранистката од Холандија Габриеле Мулен.
Директорот на МОБ Игор Дурловски, кој денеска имаше прва прес-конференција откако е на чело на институцијата, најави дека обновената „Турандот“ ќе биде спектакл со 200 луѓе на сцена. Се надевам дека вакви имиња ќе продолжиме да носиме во МОБ и дека секоја наредна продукција ќе биде како оваа за „Турандот“, истакна Дурловски, кој и самиот има улога во оваа претстава (Тимур).
Режисерот Џанкарло дел Монако, син на познатиот тенор Марио дел Монако, е задоволен од процесот на соработка со екипата на МОБ и рече дека идејата за овој проект е од пред три месеци. Поканата да дојде во Скопје ја прифатил од својот пријател Дурловски со кого се познава 15 години и од времето на нивната кариера во Германија.
-Иницијалната идеја доаѓа од грчката трагедија и од трагикомедијата. Не е само трагичното сечење глави и смртта што ги води сите низ целиот процес на вљубување, одљубување и доаѓање на престол, туку маскираните учесници што ќе се појават на сцената, ќе ја раскажат и веселата страна на животот дека не е сè толку црно – рече Дел Монако за концептот на претставата.
Диригентот Мартиненги истакна дека е голем предизвик поставувањето на Пучини, особено на „Турандот“, неговото последно дело. Повеќепати соработувал со Оркестарот на МОБ и е задоволен, но овој пат ќе се обиде, како што рече, да го извлече италијанскиот звук. Габриеле Мулен, која ќе ја толкува насловната улога, рече дека е првпат во Скопје и е одушевена од големата сцена на МОБ.
-Претставата бара силен глас и многу добра техника, но одговорноста не е само на тој што го игра насловниот лик, туку на сите солисти што се појавуваат на сцената – рече холандската сопранистка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.