| четврток, 6 декември 2018 |

Лоренцо со победа ја стартуваше новата сезона и одбраната на титулата

Возачот на Јамаха и актуелен шампион во кралската класа во МотоГП шампионатот Хорхе Лоренцо со победата на Големата награда на Катар ја започна одбраната на титулата.

Лоренцо до триумфот на „Лосаил“ дојде со време од 42:28.452 минути, а на второто место се пласираше Довициозо на Дукати со две секунди заостанување. Подиумот го комплетираше Репсол Хонда, Марк Маркез, кој на целта беше подобар од деветкратниот светски шампион Валентино Роси.

Лоренцо водеше во текот на поголемиот дел од трката, но на почетокот беше во сенка на возачите на Дукати, Андре Јаноне и Довициозо. Откако првиот излета, а Довициозо остана сам на патеката, на Шпанецот му требаше малку време да се пробие на чело а потоа брзо се издвои од ривалите. Интересно беше во трката за подиумот меѓу Довициозо, Маркес и Роси до последниот круг, а во тој круг „докторот“ мораше да се задоволи со четвртата позиција.

На петтото место заврши Дани Педроса на втората Репсол Хонда, пред возачот на Сузуки, Маверик Вињалеш и Пол Еспергаро на Јамаха.

Годинашниот Мото ГП шампионат продолжува со Големата награда на Аргентина на 3. април.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top