| четврток, 6 декември 2018 |

Нов скандал: По „Нисан“ и „Сузуки“, „Мазда“ и „Јамаха“ признаа фалсификат

Месец дена по компанијата Нисан, јапонските производители на автомобили Сузуки, Мазда и Јамаха Мотор признаа дека ги фалсификувале резултатите од мерењето издувни гасови на некои возила, соопшти јапонското Министерство за сообраќај.

Интерната истрага во фабриките на 23 произведувачи на автомобили и мотори во Јапонија е покрената на барање на властите.

Сузуки соопшти дека се фалсификувани резултатите кај 6.401 возила, што е околу половина од вкупно тестираните автомобили во таа фабрика.

Во погоните на Мазда и Јамаха Мотор отстапувањата на фалсификување биле помали.

Во Мазда биле утврдени нерегуларности кај 3,8 отсто тестирани возила, а во Јамаха Мотор кај 2,1 отсто.

Нисан, партнер на францускиот Рено и јапонскиот Мицубиши, на почетокот на јули призна дека спровел погрешни мерења на емисиите на издувни гасови и тестови на економичноста на потрошувачка на гориво на некои свои возила.

Во повеќето останати јапонски автомобилски компании не е утврдено дека имало нерегуларности.

Министерството за сообраќај по повод резултатите од истрагата соопшти дека „ако биде потребно ќе преземе строги мерки“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top