Лица со Даунов синдром се дел од актерската екипа на претставата „Викај ги среќа“ чија премиера е закажана вечерва на малата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) во 19, часот.
„Викај ги среќа“ е претставата која ја Центарот за Даунов синдром (ДСЦ) во соработка со МНТ и поддршка од Министерството за култура, ја подготвува за одбележување на 21 март, Меѓународниот ден на лицата родени со Даунов синдром.
– Во неа професионални актери и аматери со Даунов синдром ќе не однесат на една сонувана авантура за роденденот на Рики, младо момче со Даунов синдром. Сите заедно ќе го славиме неговиот роденден и денот на кој се потсетуваме дека во нашиот шарен свет има и лица со Даунов синдром и тие имаат потреба од подобри услови за развој и прифаќање во заедниците во кои живеат – вели Ида Мантон, претседателка на Центарот за Даунов синдром.
Режисери на претставата се Златко Славенски и Куштрим Бектеши, а текстот го напиша Маријана Котевска Георгиева. Костимите ги направи Александар Ношпал, кореографијата е на Александра Кочовска Начева, а видео проекциите ги подготви „3Д проект студио“ на чело со Милчо Узунов.
Улогите во претставата ги толкуваат актери од МНТ: Искра Ветерова која воедно е и патрон на Центарот за Даунов синдром, Борче Начев, Арна Шијак и Марија Новак, придружувани од нивните нови пријатели: Гоце Маринковски, Флоренс Гарет, Габриела Трајчевска, Елизабета Петковска, Ивана Мерџановска, Леон Иванов, Мила Силјановска, Енџи Николоска, Леона и Луција Мантон и Алан Фејзула.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.