| четврток, 6 декември 2018 |

ЛШ: Три гостински победи на фаворитите

vesprem

Веспрем и Кјелце се многу близу до четвртфиналето од Лигата на шампионите откако унгарскиот и полскиот првак уште на првиот меч ги оправдаа фаворитските улоги, триумфирајќи на гостувањата против Мотор Запорожје, односно Брест Мешков.

Ракометарите на Веспрем рутински славеа во Украина над Мотор со резултат 24-29, што им гарантира учество во следната рунда, каде ќе се сретнат со подобриот од дуелот Вардар – Висла. Унгарците поведоа со 1-3 на почетокот, по што Мотор цело време бркаше резултат. Домаќините во неколку наврати успеаја да се вратат, на полувреме се замина со израмнети 12-12, но разликата во класи стана очигледна во вториот дел, кога актуелниот европски вицешампион успеа да се одлепи резултатски и на крајот да слави со конечни пет гола разлика.

Сулиќ и Маргуч беа најефикасни кај Веспрем со по пет гола, пред Илиќ и Наѓ, кои по четири пати ги совладаа домашните голмани на оваа средба.

Сличен беше текот на настаните и на мечот во Белорусија, каде Кјелце со фуриозно второ полувреме успеа да стигне до триумф над Брест Мешков од 28-32. Домаќините одиграа извонредно во првиот дел и заминаа на одмор со предност од 14-12, но Кјелце го отвори второто полувреме со серија 1-5, го сврте резултатот во своја полза и стигна до значајна гостинска победа со која широко си ги отвори вратите кон четвртфиналето.

Јурецки постигна десет, а Белицки осум погодоци во победничкиот тим, додека најефикасен кај Брест Мешков беше поранешниот ракометар на Металург, Павел Атман, со седум гола.

И во третиот денешен натпревар победа славеа гостинските ракометари. Фленсбург извојува минимална победа на гостувањето кај Монпелје од 28-27.

Последниот дуел од денешната програма од осминафиналните натпревари се игра во Загреб каде четата на Веселин Вујовиќ ќе се обиде да го обели образот на домаќините против германскиот гигант Рајн-Некар Левен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top