Стеван Вујовиќ е најново име во редовите на Металург откако лидерот во ракометната Супер-лига со крајни напори успеа да ја заврши процедурата и да добие сертификат за црногорскиот интернационалец да настапува за тимот на Лино Червар до крајот на сезонава. Вујовиќ (25 години, 190 см, 90 кг), веќе извесно време тренираше со екипата, така што сигурно нема да му биде потребно дополнително време за адаптација.
– Среќен сум што се реализира заемната желба и што станав член на младиот и талентиран состав на тренерот Лино Червар. Од одработените тренинзи со тимот видов дека тука многу добро и корисно се работи на тренинзите, што ме прави особено задоволен, бидејќи со таква посветена работа ќе напредуваме и јас и екипата и заедно ќе можеме да ги оствариме поставените цели. Добро се вклопив во играта со тимот и се надевам на успешна завршница во домашното првенство – изјави Вујовиќ за официјалната веб-страница на „металурзите“.
Вујовиќ ќе ја засили централната бековска позиција на Металург, како конструктивна замена за повредениот Лука Мраковчиќ, кој има проблеми со скочниот зглоб.
Тој доаѓа во редовите на Металург од швајцарскиот прволигаш Амичитија, а претходно беше дел и од Вецлар (Германија), Селестат (Франција), Антекера (Шпанија), Ловќен (Црна Гора), Црвена звезда (Србија), а извесно време настапуваше и за Вардар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.