Ако документот од Пржино значеше договор со кој треба да се врати довербата на граѓаните (читај: опозицијата) во институциите, со посебен акцент на изборниот процес и да се застане на досегашната практика на непризнавања, сите досегашни преземени чекори кон обврските покажува само злоупотреба на функционерите од СДСМ „со ограничен мандат“, за да може да се создадат услови за ново извртување на резултатите и креирање нова криза – пред или по изборите.
Објавувањето на списокот во „сурова форма“ на апликацијата на интернет-страницата на Државната изборна комисија (ДИК) така како што бил доставен од Министерството за внатрешни работи (МВР) преку Државниот завод за статистика (ДЗС), создаде хаос и недоверба во избирачкиот список, коментираат поранешните претседатели на ова тело, инаку сопартијци на актуелниот Александар Чичаковски.
– Со оглед на тоа дека ДИК, со измените, е единствено надлежна да го ажурира избирачкиот список, мислам дека требаше оваа апликација, ако веќе ја објавува, да ја објави веднаш кога ги добила податоците – а тоа е 1.12.2015 година. Со оглед на тоа дека не стои зад податоците во оваа апликација, освен тоа што кажува дека тоа се податоци ажурирани од Заводот за статистика, не кажува дека се нејзини. Значи, ДИК се вклучува директно во хаосот – коментира Александар Новаковски, претседател на ДИК од крајот на 2008 година до оставката во 2011 година, поднесена, како што посочи, поради „загрозена непристрасност и доверба“, а „во интерес на заштитата на кредибилитетот на ДИК и на личниот досегашен професионален ангажман“.
– Доколку се објавуваше списокот, тоа требаше да го направи порано, а сега требаше да се стрпи и да објави нејзини податоци врз основа на вкрстувањето… Мислам дека објавувањето на оваа апликација без никакво појаснување, кое дојде дополнително, па сега, нели, треба да се пријавуваат по подрачните единици, создаде атмосфера да не може да се врати довербата во избирачкиот список. Без разлика како ќе се прочисти – е ставот на Новаковски.
Се создава ли „Лов на вештерки”?
За Новаковски е неразбирлив молкот од ДИК. Доколку има некаков криминал или фалсификат, постојат надлежни што треба да испитаат.
– Работа на ДИК е да не придонесува кон „лов на вештерки“. Комисијата мора што поскоро да излезе со свои податоци и со добиените податоци од вкрстените испитувања – дециден е експретседателот на ДИК.
ДИК, со години раководена од опозицијата, со нов состав од 16 декември, дури сега ги објави „суровите“ податоци од 1.12.2015 година на МВР под партискиот генерален секретар Оливер Спасовски, а проопозициските медиуми веднаш ги „најдоа“ сите „фантомски гласачи“ кај функционерите од ВМРО!? И тоа истите медиуми и „невладини“ организации што подолг период лицитираат со бројки што одат и до 100 или 150 илјади „непостојни гласачи“. Па зошто се чекаше досега за да се пласираат овие непроверени информации? Според познавачите, ниедна одлука во комисијата, па и за објавување на апликацијата на интернет, не може да биде донесена без гласање. Сепак од ДИК велат дека тоа била законска обврска, а и доколку имало гласање за таква одлука, став на ДИК е дека одлуките се донесуваат со консензус. Коментирајќи го овој потег на комисијата, познавачите укажуваат на составот во ДИК во кој ниеден од тројцата стручњаци нема допирна точка со изборното законодавство.
Комисијата со измените е одговорна за ажурирање на списокот, па таму треба да се „спакува“ целиот материјал доставен од сите соодветни бази на податоци за потоа да се стави на увид пред граѓаните. Место така, ДИК ги објави податоците само од МВР, во делот на матичните податоци и имињата, и податоците за гласачките места, што се информации од Заводот за статистика. Така, сега се случи гласачите да можат да се најдат на само по еден, туку по два или по сите три основи – според матичниот број, адресата или името и презимето. Затоа се и тие неофицијални првични 2.000 пријави за недоследности.
И Никола Рилковски, претходникот и сопартиец на Чичаковски, оценува дека ваквиот потег со објавување податоци без претходно вкрстување се создава недоверба кон избирачкиот список.
– Направи конфузија, евидентно е дека направи, затоа што многумина се заинтригираа. Прво, секој барајќи се себе нашол други, во соседството. Во оваа ситуација тоа ги вознемири. Со ваквата ситуација недовербата е порасната – коментира Рилковски, кој се согласува дека во сечија корист е да се пречисти списокот, за никој потоа да не го оспорува.
– Почетокот е ваков каков што е. Во меѓувреме, ќе видиме што ќе каже вкрстувањето – додава Рилковски, според кој „ваквите недостатоци се влечеле со години“.
Молкот подгрева шпекулации
Тоа што дополнително ја усложнува целата атмосфера е молкот од ДИК. Иако списокот на големо се злоупотребува во дневно- политички цели, од ДИК никој не излегува со информација или демант. Нема ниту информации до каде е вкрстувањето. И сѐ додека од таму владее молк, или штури соопштенија, сѐ до тогаш ќе владеат шпекулации, што не води кон здобивање доверба во каков било список. Дополнително, актуелното „пребарување“ низ списокот што ја преокупира јавноста, во втор, ако не и трет план ги фрли информациите за тие стотина илјади гласачи што постојат само во базата на МВР, од кои 90 илјади се од западниот дел на Македонија.
Низ ДИК поминале стотици домашни и странски стручњаци што создаваа методологија за прочистување на списокот, се градеше методологија за прочистување. Технички, пак, уште од 2010 година комисијата ја презеде обврската за избирачкиот список од Министерството за правда, од каде што беа префрлени и 76 вработени во подрачните единици на ДИК. И оттогаш е почнато прочистувањето, иако за тоа немаше децидно законско посочување како сега. Тогаш во тие првични зафати дури беа и посочени некаде повеќе од 20 илјади гласачи што по различна основа не би требало да се на списокот. Оттогаш до сега немаше никаква реакција, иако избирачките списоци беа на увид кај сите учесниците во изборните процеси, а се гласаше и во 2011 година, и во 2013 година и во 2014 година.
ДИК сега ќе решава по пријавите од граѓаните, а следува и најавеното теренско испитување на дел од податоците. Тоа што е обврска на ДИК сега, според роковникот, е да го подготви избирачкиот список до 22 април, па со сите вкрстувања на податоците да го стави на јавен увид што ќе заврши на 12 мај. Пет дена потоа ДИК ќе им го достави списокот на политичките партии, кои имаат рок до 19 мај да достават барање за запишување, дополнување или бришење податоци. На 21 мај ДИК го потпишува избирачкиот список по кој ќе се гласа на предвремените парламентарни избори на 5 јуни.
Прашањето, пак, зошто се дозволи предвреме да се стави дамка на избирачкиот список со електронскиот увид во форма во каква што беше објавен, ќе мора да добие одговор порано или подоцна. Бидејќи, и да греши и да биде критикувана, ДИК мора да излезе во јавноста со уверување во исправноста на избирачкиот список.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 184. број на неделникот „Република“, 11.03.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Дерковски: Едно гласачко место е поништено бидејќи резултатот намерно бил променет
-
ДИК: Со последните обработени податоци 91,4 отсто за, 5,64 отсто против
-
Нема проблеми при доставата и примопредавањето на гласачките материјали – ДИК ја одржа првата прес-конференција
-
ДИК апелира изборните органи да работат професионално и одговорно, набљудувачите да се придржуваат до Кодексот