| четврток, 6 декември 2018 |

Актери од МНТ и млади актери со Даунов синдром ќе ја изведат премиерата „Викај ги среќа“ (галерија)

Актери од МНТ и млади актери аматери со Даунов синдром на 20 март на малата сцена на Македонскиот народен театар премиерно ќе ја изведат претставата „Викај ги среќа“ во пресрет на одбележувањето на 21 Март, Светски ден на Даунов синдром. Режисери на претставата, која ја подготвува Центарот за Даунов синдром во соработка со МНТ и со поддршка на Министерството за култура, се Златко Славенски и Куштрим Бектеши. Во рамки на одбележувањето на Светски ден на Даунов синдром ќе се одржат и повеќе други настани.

02 daunov sindrom mnt

Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска денеска на прес­конференција во МНТ рече дека во рамки на заложбите за подобрување на квалитетот на културното живеење на лицата со посебни потреби вовеле неколку мерки кои овозможија овие граѓани бесплатно без никаков надомест да ги следат културните содржини во институциите од областа на културата, а нашите настојувања во иднина ќе бидат овие лица да бидат уште поактивни чинители во креирањето на културните содржини. Таа посочи дека театарската претстава „Викај ме среќа“ е дел од годишната програма на Министерството за култура. Ги наброја и останатите учесници во проектот како што се Александар Ношпал, кој ги изработи костимите за претставата, кореографот Александра Кочовска – Начева, Маријана Котевска Георгиева која го напиша текстот, како и „3D проект студио“ на Милчо Узунов кои ги изработија видео проекциите. ­

03 daunov sindrom mnt

-Уверена сум дека создавањето на оваа театарска претстава беше исклучително искуство за сите учесници во проектот особено за младите актери со Даунов синдром меѓу кои верувам дека се кријат бројни таленти со огромна креативност кои понатаму ќе се профилираат токму во театарската сфера, рече Канческа Милевска. Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, нагласи министерката, несомнено не обврзува да се осврнеме и да се насочиме кон активностите и проектите кои во иднина треба да ги реализираме во насока на задоволување на потребите на оваа категорија граѓани. Таа ги повика сите здруженија на граѓани и натаму да аплицираат на конкурсите на Министерството кои овозможуваат финансиска поддршка за нивните активности од областа на културата. ­

04 daunov sindrom mnt

-Министерството за култура и нашите институции се отворени за соработка и иницијативи се со цел да го унапредиме културното живеење на лицата со Даунов синдром, да ги стимулираме нивните креативни потенцијали, да градиме заеднички вредности кои не спојуваат, додаде Канческа ­Милевска.

05 daunov sindrom mnt

Претседателот на Центарот за Даунов синдром, Ида Мантон рече дека годинaшното мото на Светската организација за Даунов синдром е „Моите пријатели, моја заедница“. ­

-Сите ние треба да бидеме оние пријатели кои ќе им помогнеме нивниот влез во општеството и во сите сфери на нашето живеење да биде поедноставен и потопол, посочи Мантон.

06 daunov sindrom mnt

Вистинска штета би било, појасни таа, да ги оставиме лицата со Даунов синдром да живеат на маргините каде се чувствуваат дека се запоставени, каде нивните семејства постојано прашуваат што ќе прави моето дете кога ќе стане возрасен. Нагласи дека нејзиниот одговор на тие прашања е многу едноставен ­ за возрасни лица со Даунов синдром да може да се вклучат во редовното живеење како чинители во нашето општество.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top