| четврток, 6 декември 2018 |

Лица со Даунов синдром глумат во претставата „Викај ги среќа“ на сцената на МНТ

„Викај ги среќа“ е претставата која ја Центарот за Даунов синдром (ДСЦ) во соработка со МНТ и поддршка од Министерството за култура, ја подготвува за одбележување на 21 март, Меѓународниот ден на лицата родени со Даунов синдром

Лица со Даунов синдром се дел од актерската екипа на претставата „Викај ги среќа“ чија премиера е закажана за 20 март на малата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) во 19,30 часот.

„Викај ги среќа“ е претставата која ја Центарот за Даунов синдром (ДСЦ) во соработка со МНТ и поддршка од Министерството за култура, ја подготвува за одбележување на 21 март, Меѓународниот ден на лицата родени со Даунов синдром.

– Во неа професионални актери и аматери со Даунов синдром ќе не однесат на една сонувана авантура за роденденот на Рики, младо момче со Даунов синдром. Сите заедно ќе го славиме неговиот роденден и денот на кој се потсетуваме дека во нашиот шарен свет има и лица со Даунов синдром и тие имаат потреба од подобри услови за развој и прифаќање во заедниците во кои живеат – вели Ида Мантон, претседателка на Центарот за Даунов синдром.

Режисери на претставата се Златко Славенски и Куштрим Бектеши, а текстот го напиша Маријана Котевска Георгиева. Костимите ги направи Александар Ношпал, кореографијата е на Александра Кочовска Начева, а видео проекциите ги подготви „3Д проект студио“ на чело со Милчо Узунов.

Улогите во претставата ги толкуваат актери од МНТ: Искра Ветерова која воедно е и патрон на Центарот за Даунов синдром, Борче Начев, Арна Шијак и Марија Новак, придружувани од нивните нови пријатели: Гоце Маринковски, Флоренс Гарет, Габриела Трајчевска, Елизабета Петковска, Ивана Мерџановска, Леон Иванов, Мила Силјановска, Енџи Николоска, Леона и Луција Мантон и Алан Фејзула.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top