„Солунски патрдии“ чиј режисер е Коле Ангеловски е претстава која има доживеано најмногу изведби на сцената на Драмски театар кој годинава слави 70 години од постоењето. Официјално, таа се одиграла 335 пати во Драмски, а куриозитет е тоа што актерот Гоце Тодоровски не пропуштил нуту една изведба. Со гостувањата, „Солунски патрдии“ има повеќе од 400 изведби.
Токму Тодоровски за ликот на Цанде во „Солунски патрдии“ доби награда за најдобра улога на Фестивалот за театарски игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Премиерата на првата верзија на „Солунски патрдии“ се случила во 1979 година и оваа изведба беше се до 2006 година. Потоа Ангеловски во 2013 година ја постави женската верзија на „Солунски патрдии“ која веќе има 50 изведби и уште е на репертоарот на Драмски.
– Многу ми беше жал кога се симна од репертоар „Солунски патрдии“. Кога решија да се прави нова претстава „Солунски патрдии“ јас прво реков нема шанси да се повтори. Потоа размислив и на ум ми дојде да направам „женска верзија“. Му ја кажав идејата на тогашниот директор Бранко Ѓорчев и тој се одушеви. Но, претставата се одолговлечи. Бранко се разболе, брат ми почина, имаше многу турбуленции. На првата проба, кога видов 18 жени им велам: Вака да се договориме: Прво, признавале Вие или не, „Солунски патрдии“ е легенда. Тие велат: Точно! Второ, и јас сум легенда, велам, а тие така со половина уста одговараат. Трето, кога ќе почнеме со проби, не ви дозволувам никакви идеи да ми кажете до одреден момент. И фино тргнавме со работа. Но, се случуваа разни работи и морав да направам пауза. Се враќаме по месец и пол да работиме и Билјана Беличанец Алексиќ ја напушта претставата поради ангажман во локалните избори. Јас прво сакав да ја откажам претставата, но другите актерки не се сложија. Ја побарав ќерката на Џумерко (Благоја Спиркоски н.з), Марија и се јавив во понеделник, во средата дојде, со научен текст напамет и внесе една многу позитивна енергија во екипата. Мислам дека оваа верзија на „Солунски патрдии“ е најконстантната претстава што јас сум ја направил – вели во разговор за „Република“ режисерот Ангеловски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.