| четврток, 6 декември 2018 |

Џеки Шепард и Коле Ангеловски почесни лауреати на „Астерфест“

Од 26 до 30 јуни во Струмица ќе се одржи 13-тото издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“, под мотото „Меѓу фактот и фикцијата“.
Главниот програмски селектор, филмологот Атанас Чупоски веќе ја има заокружено меѓународната програма која и оваа година е составена од исклучителни, најнови филмски остварувања на полето на краткиот и документарниот филм од повеќе земји.
И оваа година во Струмица ќе бидат присутни повеќемина филмски автори кои ќе ги претстават своите филмови и ќе се натпреваруваат за Златната, Сребрената и Бронзената потковица.
Специјални лауреати на овогодишниот „Астерфест“ се продуцентката Џеки Шепард (1962, Велика Британија), добитничка на Наградата Астер за високи достигнувања во филмската продукција, и актерот, режисер и сценарист Коле Ангеловски (1943, Македонија), добитник на Специјалното признание на Тивериополската филмска алијанса за високи достигнувања во филмската уметност.
JACKIE_SHEPPARD
Продуцентката Џеки Шепард има значително искуство во работењето во странство, најчесто со нови таленти, на кратки и долгометражни филмови. Заедно со својот партнер-продуцент Марк Блени, во „Футпринт филмс“, го продуцирала долгометражниот „Африка јунајтед“, сниман во Јужна Африка, Бурунди и Руанда. Продуцентка е и на повеќекратно наградуваниот краток филм „Јас сум Сами“, сниман во Курдистан, каде што работела со Кае Бахар. Како дел од посветеноста на нови таленти, „Футпринт“ соработува со The Pitch – филмски натпревар кој им дава можност на новите автори да создадат финансиран краток филм. Заедно со режисерот од Pitch, Лук Волтон, Џеки ги продуцирала сите победнички кратки филмови досега, од кои голем дел се прикажуваат на фестивали низ целиот свет. Освен на продукција на филмови, Џеки работи и на продукција на настани во живо, била супервизор за продукција на многу такви настани низ целиот свет. За своите 20-тина кратки филмови, каде се јавува во улога на продуцент, добила голем број меѓународни награди, меѓу кои и неодамнешната Награда за најдобар краток филм во Велика Британија, на фестивалот во Оксфорд, за филмот „Само дете“ на Енди Туви.
KOLE_ANGELOVSKI
Коле Ангеловски како актер дебитира уште како студент во југословенскиот филм „Саша“ на Раденко Остоиќ, по што следуваат импресивните креации во „Да се дојде и да се остане“ на Бранко Бауер и „Тврдина на силеџии“ на Јоже Погачник. Играл и во филмовите „Светски човек“, „Крос контри“, „Собирен центар“, „До победата и по неа“, „Мементо“, „Жед“, „Црвениот коњ“, „Нели ти реков“ и во многу други. Ги режирал филмовите „Татко (Колнати сме, Ирина)“, „Викенд на мртовци“, „Време за плачење“, „Ах, љубов моја“, ТВ-сериите „Солунски патрдии“, „Училиште за кловнови“, „Лото, лото“, а останува запаметен по улогата на Диди во драмската серија „Да видам, да видам што да бидам“ заедно со брат му Владимир-Дади Ангеловски. Во повеќето свои филмови се јавува како сценарист. Одиграл над 40 филмски и над 20 театарски улоги, режирал над 80 претстави, произвел над 500 часа ТВ-програма, превел над 30 драми на македонски. До своето пензионирање бил вработен во Драмскиот театар во Скопје. На фестивалот во Пула ги добил Наградата за најдобар млад актер и Наградата „Кокан Ракоњац“ за најпоетичен филм, а добитник е и на многу други награди, меѓу кои и Наградата „Златна рипка“  на Фестивалот на филмската комедија во Голубац и Наградата „11 Октомври“ за животно дело.
На двајцата лауреати престижните признанија ќе им бидат врачени на отворањето на „Астерфест“, на 26 јуни, во НУЦК „Антон Панов“. Во текот на фестивалските денови во нивна чест ќе бидат прикажани краткиот филм „Јас сум Сами“ во продукција на Џеки Шепард и „Татко (Колнати сме, Ирина)“ во режија на Коле Ангеловски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top