Скопската публика во киното „Милениум“ во петокот навечер уживаше во премиерата на новата филмска комедија на актерот и режисер Коле Ангеловски (74) „Ах, љубов моја“. Премиерното прикажување на новиот филм на Ангеловски беше во рамките на Скопскиот филмски фестивал кој е во тек во „Милениум“, Кинотека на Македонија, киното „Фросина“ во МКЦ.
Ова е трета филмска комедија во историјата на македонската кинематографија, по „Мирно лето“ на Димитрие Османли и култниот „Викенд на мртовци“ на Ангеловски, кој беше снимен во 1988 година.
– Погледнете го филмот, па потоа ќе разговараме. Уживајте во него, немојте многу да ни забележувате – рече Ангеловски пред проекцијата.
Премирата на филмот на Ангеловски е во годината кога тој слави 55 години од првото појавување на филмското платно. Во неговата 55-годишната плодна кариера како актер, сценарист и режисер, ова е трет игран филм на Ангеловски, по „Колнати сме, Ирина“ во 1973 и „Викенд на мртовци“ во 1988.
– Мислам дека направивме филм за публиката. Не знам дали ќе оди на Кан или Венеција или на други филмски фестивали, но сигурен сум дека публиката ќе сака да го гледа и ќе ужива, ќе биде среќна и задоволна по проекцијата на филмот – рече пред премиерата Ангеловски.
Филмската љубовна комедија „Ах, љубов моја“ во режија на Коле Ангеловски е приказна за позната поп-пејачка Сузан, која по успешната турнеја низ Турција и емотивните проблеми предизвикани од раскинувањето на долгогодишната љубовна врска, доаѓа во еден хотел да се одмори во мир и тишина, далеку од јавноста и новинарите. Меѓутоа, во хотелот се појавува нејзиниот поранешен љубовник Селпин, кој сака да се збогува со неа, по што сè тргнува наопаку.
Во главните улоги настапуваат, главно млади актери од Театар Комедија, како Нина Деан, Атанас Атанасовски, Александар Микиќ (МНТ), Соња Стамболџиева, Роберт Ристов, Жарко Димоски, Крсте Јовановски, Марија Кондовска (Драмски театар), Ердоан Максут, Кристина Ласовска, Валентин Костадиновски, Ева Скендеровска, Едмонд Сотир, Андон Јовановски. Филмот е сниман по истоимената претстава „Ах, љубов моја“ со која пред пет години се отвори Театар Комедија.
Продуцент е Горан Стојилковиќ кој објасни дека филмот е снимен во продукција на „Авард филм и видео“ во копродукција со „Квазар Филм“ и „КТ Филм и Медиа“. Директор на фотографија е Роберт Јанкулоски. Сценограф е Илина Ангеловска. Костимографи се Лира Грабул и Раде Василев. Монтажата е на Блаже Дулев. Дизајнер на звукот е Дарко Спасовски – Пацки. Музиката е на Венко Серафимов и Џенгиз Ибрахим. Продуцент за „КТ Филм и Медиа“ е Димитар Николов, додека извршен продуцент е Владимир Стојчевски.
„Ах, љубов моја“ е снимен со поддршка од Агенцијата за филм во висина од 14.300.000 денари на конкурсот во 2015 година, додека филмот се снимаше во април и мај 2016 година. Вкупниот буџет на филмскиот проект изнесува 20.766.537 денари.
По премиерата во рамките на „Скопје филм фестивал“, комедијата „Ах, љубов моја“ од 27 април ќе се прикажува на редовниот кино-репертоар во „Милениум“ и „Синеплекс“, како и во киносалите низ Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.