Девојките го засакаа преку баладите, момците, пак, преку видеоспотовите полни со убави девојки. Саша Ковачевиќ им ја пронајде формулата на сите. Барем на Балканот, тој е апсолутен победник во прегледите на неговите песни на „Јутјуб“, што покрај популарност му носи и добра заработка.
Во Македонија доаѓа уште од првата издадена песна, пред повеќе од 12 години, а на 19 март со голем концерт во арената „Борис Трајковски“, српскиот пејач ќе го заокружи успехот од овој период.
Често сте во Македонија. На што прво помислувате кога треба да дојдете овде? На што ви текнува кога ќе си речете „Еј, супер, одам во Скопје, ќе го направам ова, ќе се видам со овој…“?
Ковачевиќ: Безбројпати сум рекол дека македонската публика навистина најмногу ја сакам. Така отсекогаш било, се надевам така и ќе биде. Во Македонија сакам навистина сѐ. Од добрите луѓе, добрата храна, добрата енергија, до добрите концерти, што е, се разбира, најбитно.
Бидејќи од почетокот на вашата кариера, повеќе од десет години, постојано сте кај нас, постои ли некоја случка од вашите први настапи која секогаш ве потсетува на Македонија?
Ковачевиќ: Би издвоил две прекрасни девојки, Емилија и Маја, баш пред два-три дена повторно се сетив на нив и на таа случка. Кога имав 17-18 години и првпат доаѓав во Македонија, тогаш го имав издадено првиот албум, тие ме пречекаа на аеродром со кукла и ете, оттогаш до денес трае нашето пријателство, посебно со Емилија, која е многу често на моите настапи, а Маја неодамна доби бебе.
На „Пивофест“ пеевте пред 70-илјадна публика. Во салата „Борис Трајковски“ сигурно ќе има и повеќе од десет илјади, што, исто така, е многу. Што да очекуваат сите што на 19 март ќе дојдат на вашиот концерт?
Ковачевиќ: Искрено, не ми е важно дали се десет, седумдесет, пет или две илјади, мене ми е важно да е добра забава, луѓето да се забавуваат, што од македонската публика никогаш не е спорно. Го давам срцето на секој настап, без разлика колку публика има, така ќе биде и на овој настап, но овој концерт многу ќе се разликува од кој било досега бидејќи е прв во наша продукција, иако, нормално, соработуваме и со продукцијата од Скопје. Така што, навистина, ќе биде нешто сосем поинакво и нешто што луѓето досега не го виделе, а ни чуле од нас.
Почнавте со балади, романтични песни по кои станавте познат, продолживте со брзи летни песни, кои ви донесоа уште поголема публика. Која е следната фаза?
Ковачевиќ: Почнав со некој поп звук, во кој на некој начин и денес сум, можеби не тој истиот, но се менуваат генерациите и стилот што луѓето сакаат да го слушаат. Природно е и ние да се менуваме, утре здравје ќе имам 40, 50 години, па не можам на тие години да имам кариера од 60-70 балади, така гледам на тоа. Гледам секогаш да сум различен, одвреме-навреме на луѓето да им дадам некоја поинаква нота. Имам во подготовка три-четири песни, од кои една наречена „Једра“, која е онака целосно баладична, како од првиот албум, концертна балада, а другата песна „Ноќна икона“, пак, е во сосема поинаков фанки стил, повторно сосем различно од она што досега го правевме.
Вие сте првиот на Балканот што го верификуваше својот канал на „Јутјуб“, имате повеќе од 220 илјади следачи и милионски прегледи. Колку е важно тоа?
Ковачевиќ: Не знам дали сум прв, но еден од првите, макар што сега тоа е некако нормално, гледам дека секој ден сѐ повеќе ги верификуваат своите канали. Секако, кога се работи за стажот, јас сум еден од оние што најдолго имаат канал. Супер соработуваме, можам да кажам дека во денешно време и тоа како се живее од прегледи на „Јутјуб“.
„Случајно“ има преку 46 милиони, „Лапсус“ 37 милиони…Тоа е и повеќе од добро за Балкан. Како ви успева, сѐ е тоа маркетинг?
Ковачевиќ: Верувам дека е маркетинг, но, сепак, како што кажав и предмалку, сакаме да ја изненадуваме нашата публика и секогаш да пласираме нешто поинакво, дали со стилот на песните, дали со видеоспотовите… Се разбира, не може да измислиме топла вода, па секогаш за летните хитови во спотовите има многу убави и згодни девојки. Тоа не го измислив јас, тоа е така и на Запад, на пример, сега ќе правиме летна песна, а јас ќе возам автомобил. Во ред, во еден видеоспот и ќе возам, но некако луѓето сакаат да гледаат убави девојки, ќе кажам од мој машки агол, не само нашите видеоспотови, туку и кога гледам странски, сакам да гледам убави девојки, тоа е нормално. Мислам дека и со тоа привлекуваме внимание и гледам дека луѓето сакаат да ги гледаат, што ми е драго.
Не се само девојките, туку и убавите плажи. Зошто баш Тајланд? Не само како место каде што снимивте неколку спотови, туку и како ваше место за одмор.
Ковачевиќ: Бевме на одмор минатата година и нам секогаш ни е малку. Веројатно би се согласиле и луѓето што биле, кога и да одиш на Тајланд, ако си заминал на 20 дена, ти фалат барем уште три, ако си на 15, пак ти фалат уште неколку… Па, така минатата година бевме 18 дена, ни фалеа тие два-три, а после тие уште три-четири, па секогаш се враќаш на исто. Кога се вративме во Белград, на брат ми му дојде идеја колку би било добро пак да се вратиме, но бидејќи бевме на одмор, не оди пак да се вратиме за одмор. Па, рековме, знаеме какви се плажите, што сѐ има да се сними, ајде тогаш да снимаме видеоспотови. Имавме да речеме, 50 отсто завршени аранжмани за некои песни, нешто немавме и моравме сето тоа да го поставиме буквално во три дена, јас да отпеам и почнавме да ангажираме екипа со „Можеш ли за три дена да дојдеш за Тајланд?“. Во рок од неколку дена решивме сѐ и се вративме назад. Во 18 дена буквално секој ден снимавме, не знам по колку часа, знам само дека не спиевме и успеавме само два-трипати да се искапиме во море.
Го споменавте вашиот брат, со кој заедно ги снимате песните. Неодамна кажавте и дека вашата девојка, пак, ги направила сценаријата за видеоспотовите. Како функционира оваа екипа?
Ковачевиќ: Кога патуваш на дестинација како Тајланд, ти си осуден да снимаш песок, плажа, палми и тоа е тоа во суштина, а снимаш четири видеоспотови. И мора да направиш сценарио за секоја песна, за да се разликува од претходните. Како што реков, немаше баш време за сѐ, па како што патувавме, Јована ја имаше таа улога. Таа и генерално е многу креативна, така што успеа да направи добро сценарио, барем што е до мене, а гледам дека и на публиката ѝ се допаѓа. А, брат ми и јас сѐ заедно правиме, сѐ заедно работиме и мислам дека јас би требало да ве прашам и вас и публиката како ви се допаѓа, дали сме добар тим. Јас мислам дека и тоа како сме добар.
Разговараше: Марина Костовска
Фото: Александар Ивановски
(Текст објавен во 183. број на неделникот „Република“, 04.03.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)