Популистичката АФД постигна голем успех на покраинските избори во Германија. Етаблираните партии на центарот ја загубија поддршката, во прв ред поради бегалската криза и големата поделба во општеството, пишува „Дојче веле“.
Партијата на германската канцеларка Ангела Меркел доживеа голем удар на изборите во три покраини кои се одржаа денеска, за сметка на десно-популистичката АФД која ја собра поддршката на гласачите кои се противат на нејзината политика кон бегалците.
Демо-христијаните на Меркел (ЦДУ) загубија во две од трите покраини каде што се гласаше, постигнувајќи историски низок резултат во некогашниот бастион Баден-Виртемберг.
Популистичката Алтернатива за Германија (АФД), која предизвика бура од реакции со барањето полицијата да пука врз мигрантите со цел да ги спречи да влезат во земјата, забележа двоцифрена поддршка на првите избори на кои воопшто учествувала во трите покраини.
Според прогнозите, АФД ќе добие околу 21,8 проценти од гласовите во источната покраина Саксонија Анхалт- со што станува втора политичка сила, веднаш зад ЦДУ.
Ова беа најголеми избори во Германија по бегалскиот бран и се сметаа за некој вид референдум за политиката на отворени врати на канцеларката Меркел.
Приемот на околу 1,1 милиони мигранти и бегалци во 2015, предизвика длабоки поделби во земјата.
И покрај големиот притисок да го промени курсот, Меркел одби да воведе ограничување за нови бегалци, и инсистира на заедничко европско решение кое би предвидувало фер распределба на бегалците низ сите 28 земји-членки на ЕУ.
Револтот поради политиката на Меркел меѓу граѓаните го искористи АФД. Основана во 2013 како анти-евро партија, АФД оттогаш еволуираше во анти-мигрантско движење.
Според излезните резултати, АФД освоила 14 проценти од гласовите во Баден Виртемберг, околу 11 отсто во Рајнланд Фалц и 23 проценти во Саксонија Анхалт.
„На овие избори видовме дека гласачите се оддалечуваат од големите етаблирани партии и гласаат за нашата партија“, рече лидерката на АФД, Фрауке Петри.
ЦДУ го задржа водечкиот статус во Саксонија, но загуби во останатите две покраини, а притоа забележа големи загуби во поддршката. Не минаа многу подобро ниту Социјалдемократите. Тешки порази за СПД во Баден Виртемберг и во Саксонија, каде партијата досега беше дел од владејачката коалиција.
Сите партии најавија дека немаат намера да ја вклучат АФД во идните покраински влади, но самиот нејзин влез во парламентите ќе го компликува идното формирање на мнозинство.
„Нема дилема дека ниту една од партиите застапени во германскиот парламент нема причина да биде задоволна со овие резултати“, изјави Михаел Гросе-Бремер, шефот на парламентарната група на партијата на Меркел, дополнувајќи дека е „многу револтиран поради успехот на АФД“.
Следните парламентарни избори на национално ниво во Германија се во 2017 година. Иако резултатите од покраинските избори ќе предизвикаат нови тензии, не се очекува да се доведе во прашање иднината на Меркел на чело на владата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.