Реномираниот ракометен портал Балкан-Хендбол објави опширно интервју со тренерот на Металург, Лино Червар. Интервјуто, кое навистина вреди да се прочита, го водеше главниот уредник на Балкан-Хендбол, Жика Богдановиќ.
Жика Богдановиќ: На ваша сметка стигнуваат критики дека Металург игра „клај-клај“ ракомет – доста бавно или, како што велат, „до гол“. За тоа зборуваше и тренерот на Динамо Минск, Бебешко…
Лино Червар: Многу добро прашање. Длабоко сум во ракометот, речиси премногу, па на тоа гледам од одредена висина и се потсмевнувам. Бебешко е добар тренер, далеку од тоа. Прво, за да не го навредам мојот тим, натпреварот во Минск беше вистинска ракометна школа. Тоа ретко се гледа. Им предававме ракомет од катедра. Не е битен резултатот, игравме фантастично. Во реваншот бевме лоши, бидејќи игравме индивидуално.
Во стратегијата на ракометната игра постојат два начина на водење. Првиот е трчај и шутирај (run and gun). Така играат Кил и некои други екипи слични на него. И Голужа по малку. Тоа изгледа добро. Во почетокот сите изгледаат како виори, вели Червар.
Тој додаде и една мудрост.
– Меѓутоа, некој рекол – животот е еден маратон. Има луѓе што многу добро ги трчаат првите сто метри, а потоа не можат да одат. Ова е едно гледање на ракометот, брз центар, транзиција, брз напад, враќање. Овој начин е легитимен и за некого е многу атрактивен – додава Лино.
Червар го изложи и својот пат.
– Постои и друг начин – контрола на топката (ball control). Го контролирам темпото, те држам како коњ, те држам за узди и не ти давам да дишеш. Кога ги освоивме Олимписките игри зборуваше Калеб, ми се чини, идејата на Лино беше да не им се дозволи на Кречмар и на Керман да дадат 10 гола. Само тоа го трениравме. Се губи топката, тие се веќе на центар, но и моите крила се веќе на центар. Им дишат зад врат. Морате да ја читате играта. Ако гледам дека Лацковиќ шутира на гол, знам дека ќе ја пукне и трчам назад. Трчам пред Кречмар, пред него сум – вели Червар.
Потоа тој се префрли на конкретен пример на кој сите се сеќаваат.
– Добро „пеевме“ во Лондон. Ги претрчавме „мртвите“ Срби, ги растуривме заморените Данци, а тогаш, негде во некое кафуле, Омејер и друштвото велат: Гледајте како трчаат овие Хрватите, Штрлек и Чупиќ летаат по теренот. Ајде да видиме ние старците како да ја зауздиме таа брза коњица со ball control. Да играме шест на шест, да видиме какви се тука. Фраери од 35 години играа малку посигурен напад, а Гигу и Абало трчаа назад, се враќаа предвреме. Немаше контри. Што се случи? Ни дадоа десет гола од контри, а Хрватска даде само еден. Истото тоа им се случи на Данците на СП – алудира Червар на дуелите од ОИ во Лондон и од СП во Барселона.
– Тренерите што промовираат само трчање немаат некое ракометно знаење. Не ми е важно моите ракометари брзо да трчаат, ако ракометно „пелтечат“. Лесно ќе ти доскокнам ако мислиш да ме прелажеш со трчање. Ако не знаеш ракомет, тогаш ќе биде лесно. Ниту една физичка подготовка не може да го надомести тактичкиот дефицит. Тоа е клучното прашање. Не е доволно само со млади играчи да се работи, да се трча, контри горе-долу, да се дигаат тегови. Тоа е во ред. Тоа е подготовка на човечкиот потенцијал на напор. Да се игра на исто ниво од првата до последната минута. Но тоа не може да ја надомести тактичката неписменост. Ракометот е вештина, тактичка игра. И тој што свири на клавир не трча по Максимирската шума. Тоа е вештина. Кога ќе научи да свири, тогаш ќе може да почне со трчањето, за да биде поиздржлив, посконцентриран. Ракометот е мисловна игра. Структурата на движење е техника, структура на ситуација е тактика. Тоа е сложен информатички процес и големиот познавач тоа може да го вклопи.
Жика Богдановиќ: Се врежа флоскулата според која вие сте роден под среќна ѕвезда…
Лино Червар: Понекогаш ми е криво кога ќе го слушнам тоа. За човек да го погледне натпреварот пет пати, и не само да го погледне туку и да го анализира, враќа, запишува, треба да има време. Тоа можат да го имаат луѓе со средено семејство, како јас. Имам четири внуци. За мене ракометот и семејството се сѐ. Јас немам трето во животот. Потекнувам од сиромашно семејство. Во некои моменти во животот бев и гладен. Не се срамам да го кажам тоа. Знам и што значи да се има. Го знам и едното и другото. Израснав на улица. Мајка ми почина кога имав 11 години. За сѐ во животот се изборив сам. Затоа ме навредува кога некој ќе каже дека сѐ сум постигнал на блеф. Тој би се срамел кога би дошол кај мене и кога би видел во какво студио и на каков начин работам. Блеферите не пишуваат книги. Тие што така зборуваат се плашат од знаењето. Знаете како кажува Черчил „лагата ќе обиколи пола од светот, додека вистината ги облече панталоните“. Еден совет од татко ми секогаш ќе паметам. Бев млад тренер, дрзок, секогаш гладен за победи и не му дозволував на татко ми да ги гледа натпреварите. Еднаш сепак го видов на натпревар со крајот од окото, а подоцна, за време на ручек, го прашав зошто дошол. Ми кажа дека дошол да види дали можам да ги водам луѓето. Тешка е таа работа, ми кажа. Ќе траеш до тогаш додека вложуваш во самиот себе и додека си чекор пред сите. До тоа се држам. Следам сѐ. Знам на кој начин Онеста ја подготвува репрезентацијата, како работи Голужа, како работи Вилбек, што прави оној малиот во Барселона. Морам да бидам упатен во сѐ, а потоа градам своја идеја и ја следам нејзината реализација.
Преземено од официјалниот сајт на РК Металург
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Прв триумф на Металург во Лигата на шампиони
-
Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар