| четврток, 6 декември 2018 |

Интер ја победи Болоња, но го загуби Икарди

mauro ikardi

Интер се намачи за да стигне до победата против Болоња во вчерашниот дуел од Серија А лигата, но тоа може скапо да го чини ако се знае дека капитенот Мауро Икарди мораше прердвреме да го напушти теренот поради болки во коленото.
Капитенот на Интер настрада во обид да стигне до топката по едно нафрлање на Едер, заработувајќи незгодна повреда на коленото. Тој се обиде да го продолжи мечот, но неколку минути подоцна самиот побара од тренерот Манчини да биде повлечен од игра.

Италијанските медиуми јавуваат дека станува збор за проблем со коленото, а „нероаѕурите“ стравуваат дека лигаментите би можеле да бидат оштетени. Деталните лекарски прегледи ќе покажат дали е тоа навистина случај, но дури и доколку лигаментите не се скинати, туку само истегнати, Икарди сепак нема да може да настапи за Интер на клучниот натпревар за третото место против Рома, што е на програмата следниот викенд.

Самиот голгетер преку својот твитер-профил најави дека најверојатно не станува збор за сериозна повреда, но во секој случај тој ќе отсуствува најмалку две седмици од терените.

Манчини веќе извесно време не може да смета ниту на Стеван Јоветиќ, па јасно е дека „нероаѕурите“ ќе треба со „крпен напад“ да се обидат да слават над Рома и да се вратат во игра за влез во квалификациите за ЛШ за следната сезона.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top