| четврток, 6 декември 2018 |

МВР поднесе кривична пријава за претседателот и членови на РКЕ

Кривична пријава е поднесена против П.Д. (49) од Кратово во својство на Претседател на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија и членовите С.Ј. (59) и Е.М.В. (49) од Скопје како и В.К. (62) од Битола кои, како што се наведува во соопштението, постапувајќи спротивно на законските прописи сториле кривично дело - “злоупотреба на службена положба и овластување“ со што го оштетиле Буџетот за износ од 8.056.293 денари

Единицата за економски и компјутерски криминал до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против претседателот и членови на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија кои се осомничени за злоупотреба на службена положба и овластување, соопшти МВР.

Кривична пријава е поднесена против П.Д. (49) од Кратово во својство на Претседател на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија и членовите С.Ј. (59) и Е.М.В. (49) од Скопје како и В.К. (62) од Битола кои, како што се наведува во соопштението, постапувајќи спротивно на законските прописи сториле кривично дело – “злоупотреба на службена положба и овластување“ со што го оштетиле Буџетот за износ од 8.056.293 денари.

Пријавените во текот на 2012 година ја злоупотребиле својата службена положба и овластување и постапиле спротивно од Правилникот за плати, надоместоци на плати и други материјални права на вработените во Регулаторната комисија за енергетика на РМ и донеле Одлука за исплата на работна успешност за 2012 година со која се одобрува исплата на плата на сите вработени во износ од сто отсто од нивната плата и при тоа на сите вработени биле исплатени плати во вкупен износ од 1.351.822 денари иако во Правилникот за плати на РКЕ работната успешност на секој вработен се пресметува најмногу во износ зголемен или намален за десет отсто од основната плата.

Исто така од страна на пријавениот П.Д. во период од 2009 до 2013 година спротивно на Законот за јавни набавки во постапката за привремени вработувања не е спроведена постапка за јавна набавка за услуги туку биле склучени директни договори за привремено вработување помеѓу Регулаторната комисија за енергетика и Агенцијата за привремени вработувања. Притоа, стои во соопштението, неосновано биле исплатени 2.304.136 денари за исплата на плати и други надоместоци за две лица иако тие се вклучени и планирани во годишниот план за јавни набавки.

Во периодот од 2010 до 2012 година од страна на пријавените биле ангажирани лица од вработените во Регулаторната комисија во својство на експерти за изработка на стручни анализи, без спроведување на јавна набавка, за чија работа првопријавениот склучува договор за авторски дела со ангажираните лица, застапувани од Авторското правно биро на РМ и со одлуки донесени од него и од пријавените. На ангажираните лица им бил исплатен надоместок за авторско дело иако според Законот за авторско права и сродни права овие дела би можеле да бидат само авторски дела од работен однос и исплатата на паричните средства за ваквите трудови да биде како исплата за авторско дело од работен однос, а не тие да се исплаќаат преку Авторска агенција како авторско дело од договор за нарачка. Со тоа е извршена ненаменска и незаконска исплата на средства во износ од 4.400.335 денари за авторски дела на 14 вработени во Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, се наведува во соопштението од МВР.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top