| четврток, 6 декември 2018 |

Хашим Тачи би можел да биде обвинет за воени злосторства

Специјалниот суд суд за воени злосторства извршени од страна на поранешната ОВК, би можел да покрене обвинение против новоизбраниот претседател на Косово, Хашим Тачи, поради малтретирање на затвореници Срби и Роми, објави парискиот весник „Фигаро“.
– Хашим Тачи, кого на 26 февруари Парламентот на Косово го избра за претседател, би можел да биде меѓу обвинетите од Специјалниот суд во Хаг за кривични дела извршени од страна на косовските Албанци, чиј командантат беше тој, познат под псевдонимот „Змија“, пишува весникот.

hasim taci

„Фигаро“, како што пренесува приштинскиот весник „Експрес“, тврди дека името на Хашим Тачи, кој претседателската функција треба да ја преземе во април, се наоѓа и во извештајот на Советот на Европа од 2010 година подготвен од швајцарскиот парламентарец Дик Марти.
– Тој верува дека Тачи раководел со трговијата со органи на 500 затвореници Срби и Роми, што ја вршеле Албанци. Според сведочењата кои ги прибрал Марти, затворениците биле транспортирани во соседната држава Албанија, каде биле егзекутирани и органите им биле продавани во странски клиники, пишува „Фигаро“.

Тачи, деновиве изјави дека нема што да крие, но според „Фигаро“ работите може да бидат ископликувани, бидејќи многу од сведоците би можеле да бидат поранешни припадници на ОВК.

Како сведок може да биде повикан и Бернар Кушнер, кој како специјален претставник на генералниот секретар на ОН во Косово од 1999 до 2000, постојано беше обвинуван дека ги „затвора очите“ кога станува збор за извршените злосторства од страна на ОВК, тврди францускиот весник.

– Не можам да кажам дека Кушнер знаел за трговијата со човечки органи, но не е исклучено тој да немал информации за криминалните организации во Косово, изјави за „Фигаро“ полицискиот командант на УНМИК, Стју Келок.

Според весникот „Експрес“, како што јави дописникот на МИА, Кушнер постојано ги отфрла обвинувањата дека замижувал пред злосторствата на ОВК. Тој во 2010 година нарече „лудак“ еден српски новинар кога му постави прашање во врска со трговијата со човечки органи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top