| четврток, 6 декември 2018 |

„Македоника литера“ го објави романот „Свежо обоено“ на хрватскиот писател Јосип Млакиќ на македонски

Во издание на „Македоника литера“ од Скопје неодамна излезе од печат романот „Свежо обоено“ на хрватскиот писател Јосип Млакиќ, во превод од хрватски јазик на Ленче Тосева.

За ова дело авторот минатата година ја доби највисоката книжевна награда во Хрватска „Владимир Назор“.

Во романот „Свежо обоено“ авторот Јосип Млакиќ со едноставен но ефективен и култивиран стил, го опишува тешкиот и опасен пат по кој една мајка и нејзината шестгодишна ќерка, пеш бегаат од едно мало место за време на воените дејствија во Босна. Вооружани само со малку храна и еден пиштол, тие тргнуваат во борбата за опстанок, додека мајката хранета со неизмерната љубов кон сопственото чедо, со сета сила се труди да го одбрани истото од надворешниот, нечовечен и суров свет, и да ја заштити неговата надеж во еден подобар и почовечен.

Опсесијата кон пластичните кукли во излозите кое девојчето ја развива во текот на дваесетте години додека расте во Шведска каде што успеваат да побегнат, се последиците од тоа трауматично искуство и од сите воени стравотии, на коешто таа, иако во тоа време малечка, сепак потсвесно се сеќава. А потребата и желбата да ги надмине траумите од минато и опседнатоста со куклите и да продолжи понатаму со својот живот, ги доживува како оставање трага од прстот врз свежо обоена површина…

Јосип Млакиќ е современ босанско-херцеговски писател. Роден е во 1964 година во Бугојно. Дипломирал на Машинскиот факултет во Сараево. Живее во Горни Вакуф и се занимава со книжевност и пишување сценарија. Ги објавил романите Кога маглите ќе застанат, 2002 г., Живи и мртви, 2002 година, Полноќно сиво, 2004, Пци и кловнови, 2006, По трагата на змиската кошулка, 2007, Чувари на мостови, 2007, Луѓето што садеа дрвја, 2010, Планет Фриедман, 2012, и збирките раскази Куќичката на полжавот, 1997, Одраз во водата, 2002, Семејна слика, 2002. Добитник е на неколку награди за своето творештво.

Романот Живи и мртви во 2002 година му ја донесе наградата на ВБЗ за најдобар необјавен роман. Истоимениот филм во режија на Кристијан Милиќ има освоено осум награди Златна арена на Пулскиот филмски фестивал и многу други филмски награди.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top