| четврток, 6 декември 2018 |

Децата со хуманитарната забава „Купете цвеќе за Ели“ собраа 20.000 денари за лекувањето на Ели

Вкупно 20.000 денари собраа децата што учествуваа на едночасовната хуманитарна забава под мотото „Купете цвеќе за Ели“, што се одржа денеска во трговскиот центар „Сити мол“. Парите се веќе уплатени на сметката за донации, објави „Телеграф.мк“.

Деца од организацијата „Трисомија 21 – Скопје“ со радост им делеа цвеќиња на минувачите, а тие со насмевка донираа за Ели. Ним им помогнаа и ученички од ОУ „Рајко Жинзифов“ со својата наставничка. Сите заедно се радуваа кога се појави Петко од „Пет плус фамилија“, кој го најави настанот и ѝ испрати поздрави на Ели, и играа на песните на Златните славејчиња и на раперот Тајзи.

сите за ели хуманитарна акција во сити мол (3)

Посетителите во трговскиот центар беа задоволни што за нивните донации добија цвеќе што дечињата од срце им го подаруваа. По неколку операции овде и во странство и по цел живот поминати во болници, осумгодишната Ели на 5 јануари се оперираше во САД преку Фондот за здравствено осигурување, кој ги покри трошоците за интервенцијата и за дел од досегашниот престој. Според лекарите од САД, потребна ќе биде уште една, помала операција, за состојбата на Ели да се среди доживотно. Оваа операција најверојатно ќе се направи во мај.

Сега Ели е во болницата во САД, каде што лекарите ја надгледуваат нејзината состојба. Таа се чувствува добро. Првично контролите беа по двапати неделно, а сега се намалени на една контрола на две недели.

Хуманите граѓани се организираа да помогнат, откако семејството на Ели преку апел за донации побара помош за да ја издржат оваа, се надеваат последна битка, до целосно оздравување на Ели.

фото: телеграф мк.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top