Перо Антиќ и кошаркарскиот клуб Гостивар ќе донираат 8.000 евра за лекување на кошаркарската легенда Стеван Гешовски. Со тоа е заокружена хуманитарната акција во која сите инволвирани хумани луѓе, кошаркарски работници, навивачи и донатори собраа 17.000 евра колку што се потребни за лекувањето на Гешо во Москва.
Информацијата ја објави КК Гостивар во вид на официјално соопштение.
– КК Гостивар и претседателот Перо Антиќ, се приклучуваат кон хуманитарната акција за помош на кошаркарската легенда, Стеван Гешовски Гешо, кој што пред две години доживеа исхемичен мозочен удар. Како последица на тоа, Гешовски има отежнат говор, парализирана десна страна и болки во екстремитетите, за што најадекватна метода за лекување е терапија со матични клетки во Москва. Лекарите веруваат дека со помош на оваа терапија би ги вратиле моторните функции на екстремитетите, неговиот говор и дека тој би бил ослободен од константните болки. Терапијата со матични клетки во Москва чини 17.000 евра, до кои што на Гешо му недостасуваат уште 8.000 евра, сума што ќе ја обезбедат КК Гостивар и претседателот Перо Антиќ. Со овој хуман гест, се надеваме дека ќе му помогнеме на Гешо, да го врати животот што го имаше претходно, стои во соопштението на КК Гостивар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.