| четврток, 6 декември 2018 |

Здружението на медиуми го обвини ОНЕ дека ги селектира медиумите

Телевизиските станици, членови на Здружението на приватните медиуми на РМ (ЗПММ) реагираат на „селекцијата“ на медиумите и превисоката цена која словенечки „ОНЕ“ ја бара за дистрибуција на дигиталниот сигнал.

– Не е коректно на овој начин операторот ОНЕ да врши своевидна „селекција“ на медиумите, реагираат од ЗПММ откако од синоќа пет телевизии повеќе не се емитуваат на „БООМ“ тв – четири национални, Сител, Канал 5, Телма и Алсат и локалната Тв Алфа.

Според ЗПММ на овој начин на кој се поставени взаемните односи со ОНЕ, но и опремата која се бара да биде инсталирана од страна на телевизиите, ќе биде невозможно истите рентабилно да работат.

– Бараме да се најде заеднички јазик пред се со надлежните инситуции во Владата на Република Македонија, но и со операторот ОНЕ кој мора да ја има во предвид и моменталната економска состојба во која се наоѓаат најголемиот дел од медиумите во државава. Ние вработуваме луѓе, плаќаме даноци кон државата, авторски права, но и сите останати давачки кон соодветните тела. Ние веќе од почетокот на следната недела имаме средба со Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски на кого ќе му ги презентираме нашите веќе јавно соопштени ставови и ќе побараме соодветно да се реагира, додаваат од ЗПММ.

Националните телевизии се обединија поради превисоката цена за дигитализација од речиси 150 илјади евра годишно по медиум кој има обврска да ја спроведе до 1 јуни. Локалните телевизии ќе треба да плаќаат по околу 20 илјади евра, плус трошоците за трансфер на сигналот до Скопје, но и екстремно скапата опрема од предвиден производител.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top