| четврток, 6 декември 2018 |

Новост во зонското паркирање – ќе се наплатува по минути, а не по час

Наплаќање по минути, а не само по час како што се наплаќаше досега. Измените од оваа недела јавното претпријатие „Градски паркинг“ ќе ги прелепи на таблите во зоните Ц и Д во целиот град. На нив ќе бидат испишани инструкциите за зонско паркирање со наплата по минути.

Тоа значи дека доколку еден корисник сака да се паркира 15 минути или половина час во овие зони, во СМС-пораката ќе може да го наведе тоа, а така и ќе му се наплати. По завршувањето на наведеното време, корисникот ќе биде информиран за крајот на паркирањето, исто така преку СМС-порака, при што ќе може да избере дали сака да го продолжи паркирањето или не.

Директорот на „Градски паркинг“, Борче Јакимовски објасни дека 3. и 4. зона во моментов се зони без ограничувања – кога еднаш ќе биде пуштена СМС-порака, системот на возачот му наплаќа по час, и тоа до 21 часот во зима, односно до 23 часот во лето, до кога важи паркирањето. Наплатата трае сѐ додека возачот не пушти порака со „стоп“.

Станува збор за Дебар маало, реонот околу Транспортниот центар, Аеродром.

Со наплатата по минути, на некој начин ќе се реши и непотребната наплата и трошоците што им се создаваат на граѓаните што забораваат да испратат СМС-порака со содржина „стоп“ по завршувањето на паркирањето, па системот им пресметува висока сума до вечерните часови, кога автоматски се исклучува.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top