| четврток, 6 декември 2018 |

ДИК: Граѓаните да пријават сомнителни случаи во избирачкиот список

Во таа насока им овозможуваме на сите граѓани до подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија и преку апликацијата објавена на веб страната на Државната изборна комисија да пријават сомнителни податоци во Избирачкиот список, кои по службена должност ќе бидат проверени во службените евиденции на надлежните институции

Избирачкиот список кој е објавен на апликацијата на веб страната на ДИК е резултат на методолошки обработените податоци добиени од службените евиденции на МВР, Управата за водење на матични книги и Основните судови, за државјаните на Република Македонија кои ги исполнуваат законските услови да се стекнат со избирачко право заклучно со 01.12.2015 година. Истакнуваме дека адресните податоци на граѓаните во Избирачкиот список се запишани како што се водат во евиденцијата за живеалиште на МВР, се вели во соопштението на Државната изборна комисија (ДИК) испратено до медиумите.

Државната изборна комисија го објави избирачкиот список на својата веб страна со податоци: име, презиме и адреса на избирачите, согласно член 31 став 2 точка 28-г од Изборниот законик.

„Напоменуваме, дека секој граѓанин има право да поднесе барање до Државната изборна комисија  да не биде објавена неговата адреса од безбедносни причини. Барањата граѓаните може да ги поднесат до Државната изборна комисија на spadresi@sec.mk или до подрачните одделенија/канцеларии на Државната изборна комисија и по истите се постапува веднаш. Граѓаните, доколку при увидот утврдат дека некој граѓанин не е запишан во Избирачкиот список или утврдат дека треба да се изврши запишување, дополнување или бришење на податоци од Избирачкиот список, имаат право согласно член 48 став 2 од Изборниот законик да поднесат барање со кое треба да приложат соодветна документација. Државната изборна комисија во рок од 3 дена од приемот на барањето ќе ја провери точноста на податоците и приложените документи  и ако утврди дека барањето е основано ќе донесе решение за запишување, дополнување или бришење на податоци во смисла на член 48 став 4 од Изборниот законик“ велат од ДИК.

Државната изборна комисија врши запишување, дополнување и бришење на податоци во Избирачкиот список и по службена должност врз основа на податоци од матичните книги, евиденцијата за живеалиште и за државјанството на Република Македонија, други службени евиденции и со непосредно проверување согласно член 42 став 1 од Изборниот законик.

„Во таа насока им овозможуваме на сите граѓани до подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија и преку апликацијата објавена на веб страната на Државната изборна комисија да пријават сомнителни податоци во Избирачкиот список, кои по службена должност ќе бидат проверени во службените евиденции на надлежните институции. Врз основа на спроведените постапки и донесените акти од страна на надлежните институции, Државната изборна комисија во најкраток можен рок ќе изврши запишување, дополнување или бришење на податоци од Избирачкиот список во согласност со усвоениот Правилник за методологија за целосен пристап, вршење промени и бришење на податоци во Избирачкиот список. Граѓанската контрола на Избирачкиот список е составен дел од проверката на Избирачкиот список, а податоците од граѓаните се од суштинско значење за ажурирање на Избирачкиот список. Граѓаните имаат право да ги пријавуваат сомнителните случаи и да поднесуваат барања за запишување, дополнување и бришење на податоци од Избирачкиот список, со приложување на соодветна документација“ пишува во соопштението на ДИК.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top