Денеска сме во посета на Делчево, заедно со уште некои колеги и колешки, за да разговараме со граѓаните за проблемите што ги мачат ама и за решенијата кои заедно ги испишавме во текот на минатата година.
Овие денови најактуелна тема меѓу сите граѓани на Република Македонија, се разбира, е хаосот што стана видлив, а владее веќе со години по ред со избирачкиот список – посочи потпретседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска.
Таа тврди дека фантомски гласачи се најдени во Скопје, фантомски гласачи најдовме и во Делчево и во Берово. Нема општина во Македонија во која не ни се случи, граѓаните преку ноќ да откријат дека некој со нив го дели станарското право. Додаде дека ДИК мора да обезбеди целосно прочистување на избирачкиот список, за да во Македонија важи правилото еден човек-еден глас. Исто така посочи дека некој мора да одговара за, како што рече, хаосот и незаконието со коишто ги криминализирал изборите и со коишто на македонските граѓани им ја одземал шансата сами да одлучуваат за својата судбина.
ВМРО – ДПМНЕ испрати реакција. Велат Радмила Шекеринска и СДСМ во континуитет се обидуваат да ги оправдаат своите изборни порази од кој што последниот беше изразен со 200.000 гласови разлика.
-СДСМ очајно се обидува да најде барем еден спорен гласач на избирачкиот список и на тој начин да го ублажат поразот на 199.999 гласови разлика. Единствените фантоми на политичката сцена се членовите на раководството на СДСМ кои безглаво и безидејно се обидуваат да најдат какво било алиби, за да ги одложат изборите, но и да ги зачуваат и оправдаат партиските функции во СДСМ. Впрочем за тоа колку веруваат граѓаните на СДСМ покажуваа празните улици на кои Радмила Шекеринска и нејзините сопартијци се обидуваат да остварат средби.Наместо да сеат магла и да смислуваат афери колку да имаат причина за што да зборуваат во јавноста, им порачуваме на СДСМ да ги впрегнат МВР и ДИК двете институции најдоговорни за прочистување на списокот, кои патем се водени од нивни истакнати кадри, што поскоро да го прочистат избирачкиот список бидејќи за тоа се скапо платени од парите на граѓаните. Најдобриот аргумент кој ќе ја убеди Радмила Шекеринска во кредибилитетот на избирачкиот список ќе бидат изборите на 5 јуни. Тогаш Радмила Шекеринска, како долгогодишен колекционер на изборни порази во СДСМ, ќе може самата да ги преброи новите над 200 000 гласови разлика, кои ќе и донесат јубилеен 10-ти катастрофален пораз – стои во реакцијата на владејачката партија
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.