| четврток, 6 декември 2018 |

Таткото на бомбашите порачува: Господ ќе ги казни тие што ми го убија детето!

anzor carnaev tatko na bombasite

Таткото на осомничените бомбаши од Бостон, Анзор Царнаев, кој исто така има и две ќерки во Њујорк, се закани дека Америка ќе го ослободи целото зло на светот ако полицијата му го убие и вториот син и дека севишниот Господ ќе ги казни виновниците за смртта на неговиот сон.

–       Слушнав за инцидентот на ТВ. Моето мислење е дека специјалните служби ги местат моите деца дека го практикуваат исламот. Зошто го убија Тамерлан? Требаше да го фатат жив. Уште еднаш ви велам ги местат моите деца. Јас имам 100 проценти доверба во моите деца, рекол Анзор, кој живее во градот Махачкала, во руската република Дагестан.

Вујкото на двајцата осомничени пак, Алви Царни рекол дека со нив немал разговарано неколку години, но пред два дена му се јавил постариот брат.

–       Пред два дена Тамерлан ми се јави и ми рече да му простам. Го молам внукот мирно да се предаде, рекол Алви и додал дека не верува дека неговите внуци можат да сторат такво страшно злосторство.

Тамерлан се сметал за голем верник

Тамерлан Царнаев наводно бил уапсен во 2009 година поради насилство врз девојката. Тој тренирал бокс во САД од 2004 година, а неговиот вујко вели дека таму заминал во 2000 година.

На неговиот Јутјуб канал креирал листа посветена на тероризам. Омилен филм му бил Борат, иако признава дека некои шеги биле претерани. Неговата девојка од португалско-италијанско потекло ја нарекувал „преубава жена“. Се нарекувал голем верник, а успеал да ја наговори и неговата девојка да прејде во ислам. Тој ниту пиел, ниту пушел. Сметал дека биле изгубени вистинските вредности и дека луѓето веќе не знаат да се контролираат. Тврдел дека нема ниту еден пријател во САД.

„Џохар беше многу добро момче“

Џохар Царнаев дошол во САД во 2002 или во 2003 година од Чеченија. Завршил средно училиште во Бостон, а од 2011 година студирал на бостонскиот универзитет Кембриџ каде бил прогласен за спортист на годината. Џохар дури добил и 2.500 долари стипендија од градот Бостон за неговите студии.

Претходно учел во Махачкала, главниот град на Дагестан, каде што се преселил со семејството во 2001 година од Киргистан. На руската верзија на Фејсбук, Џохар навел дека е следбеник на исламот, а животно мото му било „правете добро затоа што Алах ги сака тие што прават добро“. Неговите колеги го опишуваат како многу добро момче за кое никогаш не слушнале дека направил нешто лошо. Истото мислење го имаат и неговите соседи кои велат дека бил “прекрасно момче“ кое било многу социјализирано во општеството за разлика од неговиот брат.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top