| четврток, 6 декември 2018 |

Барса јури кон титулата, Атлетико славеше во дербито во Валенсија (видео)

barca-messi-atletico-madrid

Атлетико Мадрид славеше во дербито на 28. коло против Валенсија во гости и се врати на плус четири бода пред третопласираниот Реал Мадрид.

„Јорганџиите“ подобро го отворија натпреварот, со неколку одлични шанси на Хименез, Вијето и Гризман, но домаќинот успеваше да се одбрани. Валенсија имаше шанса за водство преку Черишев, но гостинскиот голман Јан Облак беше на висина на задачата.

Феноменалната одбрана на Словенецот беше и вовед за водството на гостите, кои во истата 24. минута поведоа со голот на Антоан Гризман.

Меѓутоа, брзо одговорија избраниците на Гери Невил. По само четири минути Алкасер одлично ја спушти топката за Черишев кој беше прецизен за 1-1.

Во второто полувреме шанси имаше на двете страни, но сепак подобро ги искористија гостите. Во 72. минута Фернандо Торес, по 10 минути откако влезе во игра, беше прецизен за ново водство на Атлетико.

На Валенсија во финишот дополнително и се искомпликуваа работите откако Адерлан Сантос заработи втор жолт картон, а пет минути пред крајот уште еден резервист на „Јорганџиите“, Јаник Фереира-Караско го постигна третиот гол за гостите со што дефинитивно го реши победникот на овој натпревар.

 

Барселона лесно помина на гостувањето кај Еибар каде славеше со 4-0 и направија нов чекор кон одбрана на титулата.

По којзнае кој пат херој на Барса беше Лионел Меси со два постигнати гола, со што се искачи на третото место на листата најдобри стрелци во Примера Дивизија и покрај тоа што пропушти дури седум натпревари сезонава поради повреда. Роналдо е прв со 27 гола, Суарез со 26 гола е втор, а Меси со 21 гол е на третата позиција.

Барселона лесно дојде до новата победа и го продолжи својот рекорд на натпревари без пораз – ова беше 36. меч во низа без пораз за Каталонците.

Уште во 8. минута Барса поведе преку Ел Хадади по одличното проигрување од Луис Суарез. Во финишот на првото полувреме Меси изведе одлична соло акција и откако помина неколку противнички играчи во свој стил беше прецизен во спротивниот агол од голот за водство од 2-0.

Во вториот дел беше досуден пенал во 76. минута откако дефанзивецот на Еибар играше со рака. Прецизен од белата точка беше Меси за зголемување на водството на 3-0.

Конечниот резултат го постави Луис Суарез на пет минути пред крајот на натпреварот.

 

Резултати од натпреварите од 28. коло:

Реал Мадрид – Селта Виго  7-1
Виљареал – Лас Палмас  0-1
Гетафе – Севилја  1-1
Ла Коруња – Малага  3-3
Бетис – Гранада  2-0
Еибар – Барселона  0-4
Хихон – Атлетик Билбао  0-2
Реал Сосиедад – Леванте  1-1
Валенсија – Атлетико Мадрид  1-3

Утре колото ќе го затвори дуелот меѓу Еспањол и Ваљекано.

Табела:

1. Барселона  69
2. Атлетико Мадрид  61
3. Реал Мадрид  57
4. Виљареал  53
5. Севилја  44
6. Селта Виго  42
7. Атлетик Билбао  41
8. Еибар  36
9. Валенсија  34
10. Сосиедад  34

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top