Во последниот натпревар од групната фаза од Лигата на шампионите Вардар со победа го заврши овој дел од натпреварувањето совладувајќи го Монпелје во Скопје со 34-26.
Победа која многу значи во борбата за третото место во групата, со кое ќе се добие полесен противник во осминафиналето групата А.
Избраниците на Раул Гонзалес добро го започнаа натпреварот и по само неколку минути имаа предност од четири гола (6-2). Сепак Монпелје се покажа како одличен противник во првите 30 минути откако на двапати успеваше да ја анулира предноста (11-6) и до полувремето да се избори за нерешен резултат (17-17).
Во вториот дел се си дојде на свое место, откако Вардар успеа да го скрши отпорот на гостинот од Франција и со висока победа од 34-26 стигне до посакуваната победа.
Во првиот голманите како да немаа свој ден, но во второто полувреме јунакот од мечот со Пик Сегед, Страхиња Милиќ успеа да одбрани седум удари.
Најефикасни во „црвено-црниот“ состав беа Дејан Мансков и Алекс Дујшебаев со по седум постигнати голови, Игор Карачиќ постигна пет, а Данил Шишкарев четири.
Во составот на Монплеје стандардно добра партија одигра Драган Гајиќ со шест гола.
За да остане Вардар на третото место, во вечерниот термин од 20.30 часот, Барселона која е фаворит на домашен терен треба да го победи Рајн-Некар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.