Весна Петрушевска и Игор Џамбазов ќе глумат сопружници во претставата „Брачна игра“ чиј автор на текстот е Едвард Олби. Премиерата ја најавија за 27 март, Меѓународниот ден на театарот, на малата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ).
„Брачна игра“ е претстава која зборува за конфликтите на еден брачен пар кои се јавуваат како резултат на незадоволството и недостатокот на нормална, взаемна и здрава комуникација во нивната врска, како и за љубовниот однос меѓу жената и мажот, суштината на тој однос и сите други теми и ситуации кои проникунуваат од тој однос. Претставата се занимава во прашањето дали во бракот постои љубов, страст, внимание или со тек на време тие избледнуваат.
– Направивме хипи-претстава која е еден вид бегство од себе. Хипи-движењето е најубаво место каде што може да се избега и затоа претставата изобилува со музика од тоа време. Денес можеби како никогаш повеќе ни е потребно тоа бегство – вели Џамбазов.
Режисер на претставата е актерот Тони Михајловски, кој за себе не сака да рече дека е режисер, туку дека е координатор на сценските движења и драмските дејствија во оваа претстава.
– Ова е типична актерска претстава во која се дозволува да се распостеле сиот талент на еден машки и на еден женски актер – вели Михајловски.
За Петрушевска нема ништо подобро кога еден жесток текст се работи со актер кој е реализиран, не е суетен и сака да го сподели своето искуство со вас.
– Точно знам дека Тони никогаш нема да ме излаже ако сум лоша, тој е актер и ќе се грижи за нашите ликови до крај. Брачна игра е идеална прилика да го преживееме сето она што досега можеби сме пропуштиле во животот да го кажеме на некој што нам ни значи. Овој чин за мене денеска е вест број еден во Македонија, затоа што ќе поставуваме еден исклучителен автор, ќе игра Џамбазов, ќе играм јас, а ќе режира Тони Михајловски – изјави Петрушевска.
Текстот е напишан пред 30 години, но и денес е актуелен, посебно кога станува збор за институцијата брак која можеби ги преживува најтешките искушенија.
– Ова не е приказна за бракот на нашите родители. Туку распадот на оваа институција почнува со нашата генерација – рече Џамбазов.
За костимографијата се задолжени Елена Лука и Дејан Сидоровски, а за сценографијата Илина Ангеловска.
Елена Лука рече дека иако досега работеле и на помногубројни костими во некои претстави, за оваа го чувствуваат најголемиот предизвик.
– Се надевам дека ќе го положиме овој испит – рече таа.
Билетите за премиерата ќе чинат 1000 денари, додека редовната цена на претставата ќе биде 600 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.