| четврток, 6 декември 2018 |

Нов хет-трик на Меси, Барса сруши рекорд стар 25 години (видео)

messi-barcelona

Вечерва се одиграа последните 3 натпревари од вонредното 27. коло во шпанската Примера Дивизија.

Лидерот Барселона без проблеми помина на гостувањето во предградието на Мадрид против екипата на Рајо Ваљекано, каде каталонците славеа со 5-1.

Со овој триумф Барса го сруши рекордот на Реал Мадрид стар 25 години – најмногу последователни натпревари без пораз. „Кралевите“ имаа 34, а на Барса ова беше 35. натпревар во низа без пораз.

Каталонците без поголеми проблеми го победија тимот на Пако Хемез кој натпреварот го заврши со девет играчи поради двата директни црвени картони на Љоренте и Итура во 42. и 67. минута.

Херој на натпреварот повторно беше Лионел Меси кој постигна хет-трик, а Ракитич и Арда Туран запишаа по еден гол. Трагичар на натпреварот беше Луис Суарез кој промаши пенал, седми за Барса оваа сезона. Кај домаќините почесниот погодок го постигна Мануча.

После оваа победа Барселона ја задржа предноста од осум бода пред Атлетико Мадрид и 12 пред третопласираниот Реал Мадрид.

Во другите два натпревари Бетис исто така во гости беше подобар од Еспањол со 3-0, а Гранада на домашен терен го совлада Хихон со 2-0.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top